СВЕТ

Пропадна договорот на Трамп и Путин

Контроверзниот план на Доналд Трамп за увоз на руски дизел во Соединетите Држави пред среднорочните избори се чини дека пропаѓа, а два танкери кои првично пловеа кон американскиот брег одеднаш го сменија курсот, пишува Фајненшл тајмс.

Ова излетување од колосек доаѓа во време кога состојбата со залихите на дизел во САД дополнително се влошува. Најновите податоци покажуваат дека залихите паднале под 100 милиони барели, прв пат по повеќе од две децении. Недостатокот се заканува да стави дополнителен товар врз горивото, кое е самиот крвоток на американската економија.

Во неделите пред изборите, Трамп се согласи со рускиот претседател Владимир Путин да купува и увезува пратки дизел во САД со цел да ги намали цените на бензинските пумпи и да привлече гласачи. Тој потег не им направи никаква услуга на републиканците – демократските кандидати ја преплавија земјата во вторник за да ја преземат контролата врз двата дома на Конгресот.

Талисман, 20-годишен руски танкер кој е под санкции од САД, Велика Британија и Европската Унија, и танкерот Леруо во сопственост на Хонг Конг, кој плови под знамето на Сиера Леоне и е под санкции од Велика Британија, ЕУ и Канада, повеќе не го наведуваат американскиот атлантски брег како нивна дестинација.

Во понеделник, Леру го смени сигналот и го посочи Бразил како своја нова дестинација, додека Талисман се оддалечи од Атлантскиот Океан и отплови назад кон Средоземното Море, каде што моментално се наоѓа во близина на брегот на Алжир. Тој брод испраќа сигнал дека „чека нарачки“, што значи дека товарот сè уште нема потврден купувач или пристаниште за истовар.

Третиот танкер натоварен со руски дизел, бродот во грчка сопственост „Агиои Фанедес“, според податоците за навигација, сè уште се движи кон САД, но исто така известува дека „чека нарачки“. Неговиот сопственик, „Истерн Медитеран Маритим“, претходно изјави за „Фајненшл тајмс“ дека пловат и чекаат наредби бидејќи пристаништето за истовар сè уште не е потврдено, додека во среда не одговорија на понатамошно барање за коментар.

Од друга страна, „Ѕверот“, танкер од Сејшелите под санкции, кој го натовари својот товар на 27 октомври во руското пристаниште Приморск, исто така пловеше кон САД и го испраќа сигналот „Атлантик“, што укажува дека неговата дестинација е атлантскиот брег на Америка.

Сопствениците на санкционираните танкери не можеа да бидат контактирани за коментар. Договорот на Трамп со Путин ги разбесни демократите, но и некои републикански претставници во Конгресот, кои предупредија дека договорот може да биде нелегален и побараа негово итно откажување. Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, оваа недела испрати официјално писмо до операторите на пристаништата и терминалите во нејзината држава, преку кое пристигнуваат пратките до пристаништето во Њујорк. Таа ги предупреди да го вратат секој танкер што носи руски дизел или ќе се соочат со строги казни.

„Две од три пратки руски дизел наменети за САД сега се пренасочени кон други дестинации“, рече Мет Смит, аналитичар во „Кплер“. „Трет танкер, „Агиои Фанедес“, треба да пристигне во Њујорк овој викенд. Сепак, со оглед на тоа што американските купувачи очигледно се двоумат поради регулативите, законите и санкциите, не би било изненадување ако и овој танкер го промени курсот и ги заобиколи САД“.