Чешката централна банка се соочува со дилема во однос на монетарната политика, бидејќи високите цени на енергенсите ја поттикнуваат инфлацијата и истовремено ја оптоваруваат економската активност, изјави членот на Управниот одбор Јакуб Сејдлер, пренесува „Bloomberg“.
Чешката национална банка ја зголеми основната каматна стапка по вторпат оваа година, на 5 ноември, а потегот го оцени како фино приспособување на рестриктивната монетарна политика. Зголемувањето на каматата беше одговор на домашните инфлациски притисоци и ризиците од растот на цените на енергијата, кои ја поттикнуваат пошироката инфлација, истакна Сејдлер во дебата на интернет-каналот „Moravec.cz“.
„Ние, како централна банка, се соочуваме со таканаречен стагфлациски шок. Имаме шок на понудата, кој ги зголемува цените, а истовремено го потиснува економскиот раст. Ова е многу непријатна ситуација за носење одлуки во централната банка и ни создава одредени главоболки“, истакна Сејдлер.
Чешка ги зголеми каматните стапки во ноември за да ги ограничи инфлациските ризици. Графикон: „Bloomberg LP“.
Централните банкари во Прага нема да ја заоструваат монетарната политика само како реакција на повисоките цени на енергијата, туку сакаат да ги спречат таканаречените секундарни ефекти, кои би можеле да ги зголемат инфлациските очекувања кај домаќинствата и компаниите, посочи Сејдлер.
Иако базичната инфлација и натаму се движи во целниот опсег на централната банка од еден до три отсто, централните банкари очекуваат растот на цените привремено да се забрза до четири отсто во првите месеци од следната година.
„Анализата на податоците за инфлацијата покажува дека растот на цените на услугите и натаму е на покачено ниво од околу 4,5 отсто“, изјави Сејдлер. Тој додаде дека и цените на храната најверојатно ќе преминат во тренд на дезинфлација во однос на оваа година.
Инвеститорите ги намалија очекувањата за ново заострување на монетарната политика во Чешка, по падот на цените на нафтата во текот на овој месец. Сепак, во следните 12 месеци се очекуваат уште околу две дополнителни зголемувања на каматните стапки.