АВТОБИЗ

Пристигна електричниот „GTI“: „Volkswagen“ ја откри цената на новиот спортски хечбек (ФОТО/ВИДЕО)

„Volkswagen“ ја започна претпродажбата на моделот „ID. Polo GTI“, првиот целосно електричен член на спортското семејство „GTI“.

Со 226 коњски сили, забрзување до 100 километри на час за 6,8 секунди и автономија до 431 километар, цената на новиот модел во Европа започнува од 39.995 евра.

Новиот „ID. Polo GTI“ развива 166 kW, односно 226 коњски сили, и 290 Nm вртежен момент, кој е достапен речиси веднаш.

Силата се пренесува на предните тркала, а електронски контролираната блокада на диференцијалот го подобрува преносот на силата и стабилноста при возење низ свиоци.

Стандардната опрема вклучува посебно приспособен прогресивен управувачки систем и адаптивна спортска суспензија „DCC“.

„Volkswagen“ разви и посебен режим на возење „GTI“, кој се активира со притискање на копче на спортскиот управувач.

При неговото активирање се приспособуваат погонот, управувањето и суспензијата, се вклучува карактеристичниот звук на моделите „GTI“, а инструмент-таблата добива поинакви бои и графички приказ.

Батеријата со нето-капацитет од 52 kWh овозможува автономија до 431 километар според циклусот „WLTP“.

Навигацискиот систем има планер на рути што автоматски предлага запирања за полнење. На брзите полначи со еднонасочна струја („DC“), „ID. Polo GTI“ поддржува моќност на полнење до 105 kW, со што батеријата се полни од 10 до 80 проценти за приближно 24 минути.

Компактниот електричен погон овозможил повеќе простор во кабината во споредба со моделот „Polo GTI“ со мотор со внатрешно согорување.

Багажникот има капацитет од 441 литар, наспроти 351 литар кај претходното решение. Со соборување на потпирачите на задните седишта, просторот за багаж се зголемува на 1.240 литри.

Почетната цена на „ID. Polo GTI“ во Европа изнесува 39.995 евра. Од „Volkswagen“ истакнуваат дека моделот уште во основната конфигурација доаѓа со богата стандардна опрема.