КОМПАНИИ

Пријавете се на работилницата на „Реплек“ со Марко Пејчиновски: „РЕсет за внатрешна сила. РЕсет за добросостојба“

„РЕсет за внатрешна сила. РЕсет за добросостојба“ е насловот на новата бесплатна онлајн работилница за добросостојба на „Реплек“, на која гостин ќе биде младиот охридски пливач и ултра маратонец Марко Пејчиновски. Закажана за 4 ноември 2026 година, со почеток во 18 часот, работилницата ќе се фокусира на справувањето со тешките и неизвесни моменти, зачувувањето на мотивацијата кога работите не се одвиваат според очекувањата и зајакнувањето на внатрешната сила. Преку личното искуство на Марко Пејчиновски, ќе се отворат и темите за дисциплината, вербата во себе, препознавањето на сопствените граници и значењето на одморот и поддршката од блиските.

Работилницата ќе поттикне размислување за тоа како предизвиците можат да придонесат за личен раст и нова мотивација, како да се справуваме со притисокот и очекувањата и како да воспоставиме рамнотежа меѓу личните амбиции и сопствената добросостојба, без да ги занемаруваме сопствените потреби и моментите кога ни се потребни пауза или помош.

Пејчиновски е познат по своите пливачки подвизи на долги дистанци, кои ги остварува и покрај специфичната здравствена состојба со која се соочува од рана возраст. На само 12 години го преплива Охридското Езеро на релација Свети Наум – Охрид, долга околу 25 километри. Во 2022 година ја заврши ултрамаратонската рута Охрид – Струга – Свети Наум – Охрид, долга 64 километри, за околу 21 час и 41 минута. На 28 август 2025 година, пак, го совлада и модифицираниот триатлон „Ајронмен“, во времетраење од 19 часа и 49 минути, кој опфати трчање од Свети Наум до Струга на маратонска дистанца од 42,2 километри, велосипедска делница до Свети Наум и пливање до Охрид на 22,4 километри.

Учеството на онлајн работилницата е бесплатно, со задолжителна претходна пријава преку следниот линк: https://tinyurl.com/yde9dfvm

Работилницата е дел од континуираните активности на „Реплек“ во рамките на платформата РЕсет за поттикнување ведар дух, здраво тело и ментална сила. Претходните едукативни работилници вклучија разговори со алпинистката и уметница Илина Арсова, Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“ и д-р Александар Митов. Паралелно, „Реплек“ организира и активности за физичка активност со фитнес-инструкторката Елена Бубало, промовирајќи ја важноста на грижата за физичкото и менталното здравје. Овие иницијативи се надополнување на бројните активности што компанијата континуирано ги реализира за своите вработени во рамките на платформата РЕсет, со цел поттикнување здрави животни навики, личен развој и целокупна добросостојба