МАКЕДОНИЈА

Планирате да купите стан во 2027 година? За дел од граѓаните цената би можела да биде пониска за десетици илјади евра

Младите брачни парови до 35 години во Македонија би можеле да добијат можност да купат стан по цена најмалку 20 проценти пониска од просечната пазарна цена во катастарската општина. За оние што наместо стан ќе се одлучат да градат сопствена куќа, се подготвува законско решение со кое би биле ослободени од плаќање комуналии за изградба. Двата закона се очекува во декември да влезат во собраниска процедура.

Решавањето на станбеното прашање во последните години станува сè поголем финансиски предизвик за младите семејства во Македонија.

Со растот на цените на недвижностите, многу брачни парови се принудени да земаат станбени кредити со рок на отплата од 25 или 30 години или да продолжат да живеат под кирија.

Најавените законски решенија би можеле да ја променат финансиската математика за дел од овие семејства.

Стан од 120.000 евра би можел да чини 96.000 евра

Според најавениот модел, референтната цена ќе се утврдува врз основа на просечната пазарна цена во соодветната катастарска општина во претходната календарска година.

Доколку се примени намалување од 20 проценти, математиката би изгледала вака:

Референтна цена на станотНамалена ценаЗаштеда
60.000 евра48.000 евра12.000 евра
80.000 евра64.000 евра16.000 евра
100.000 евра80.000 евра20.000 евра
120.000 евра96.000 евра24.000 евра
150.000 евра120.000 евра30.000 евра

Пресметките се илустративни, бидејќи конечната цена ќе зависи од официјалните референтни цени и законските критериуми.

За младо семејство, пониската купопродажна цена би можела да значи и помало потребно учество за станбен кредит, пониска месечна рата и помали трошоци за камата во текот на отплатата.

Дали мерката ќе важи за сите станови?

Според досегашните најави, градежните компании при изградба на нови станбени објекти ќе треба да издвојат најмалку 10 проценти од станбената површина за млади брачни парови што ги исполнуваат предвидените критериуми.

Тоа значи дека мерката нема да се однесува на сите станови што се продаваат на пазарот, туку на определен дел од новоградбите.

Агенцијата за катастар на недвижности подготвува анализа на цените на продадените станови во новоградба, врз основа на реализираните купопродажни договори.

Токму овие податоци треба да послужат како основа за утврдување на намалените цени.

Што ако едниот брачен партнер има повеќе од 35 години?

Едно од прашањата што остануваат отворени е дали двајцата брачни партнери ќе треба да бидат на возраст до 35 години.

Според последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, се разгледува можноста старосниот критериум да го исполнува само едниот брачен партнер.

Сепак, конечните услови ќе бидат познати по објавувањето на законските решенија.

Според досегашните најави, мерката е наменета за брачни парови, а не за лица што не се во брак.

Изградба на куќа без плаќање комуналии

Втората најавена мерка се однесува на младите брачни парови што сакаат да изградат сопствена куќа.

За нив се подготвува законско решение со кое би биле ослободени од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште.

Дополнително, дел од општините предложиле урбанизирање и парцелизирање на земјиште што би им било понудено на младите под повластени услови.

Ваквите мерки би можеле да ја направат изградбата на семејна куќа финансиски подостапна алтернатива на купувањето стан.

Дали вреди да се почека до следната година?

За младите брачни парови што во моментов бараат стан, најавените мерки отвораат дилема дали да купат недвижност сега или да почекаат да бидат донесени новите законски решенија.

Сè уште не е познато како ќе се распределуваат становите по повластени цени, дали ќе постојат ограничувања во квадратурата, дали купувачите ќе мора да докажат дека немаат друга недвижност и дали ќе има ограничување за нивна понатамошна продажба.

Од овие критериуми во голема мера ќе зависи колку семејства реално ќе можат да ја искористат мерката.

Поврзано: Сѐ повеќе млади живеат под кирија по триесеттата година: Дали сопствен стан станува недостижен сон?

Двата закона се очекува да бидат доставени до Собранието во декември, со најавена примена во текот на 2027 година.

Доколку предложените мерки бидат усвоени и реализирани според најавите, за дел од младите семејства разликата во трошоците за обезбедување сопствен дом би можела да изнесува десетици илјади евра.

Б.С.