МАКЕДОНИЈА

Македонскиот пазар „гладен“ за храна за миленици

Гранули со јагнешко месо, конзерви со лосос, бисквити за кучиња, грицки за чистење на забите и специјална храна за мачки со чувствителен желудник. Полиците во македонските продавници за домашни миленици се полни со најразлични производи, а зад нив стои бизнис вреден милиони долари. Само во 2025 година Македонија увезла речиси 9.000 тони храна за кучиња и мачки, за која биле платени 12,68 милиони долари.

Податоците од базата за меѓународна трговија на Светската банка покажуваат дека увозот за една година пораснал за 16,8 проценти во вредност и за 11,6 проценти во количество. Во 2024 година во земјава биле увезени нешто повеќе од 8.000 тони ваква храна, во вредност од 10,86 милиони долари.

Најмногу пари за набавка на храна за кучиња и мачки завршиле во Унгарија, од каде што во 2025 година сме увезле производи вредни 2,88 милиони долари. Од Грција сме увезле за 1,59 милиони долари, од Полска за 1,36 милиони, од Италија за 1,3 милиони, а од Србија за 1,19 милиони долари.

За разлика од играчките, ремчињата и другата опрема за миленици, храната се купува постојано. Семејство кое месечно издвојува по 2.000 денари за исхрана на своето куче, на пример, годишно троши 24.000 денари. Кај поголемите раси и кај животните на кои им е потребна посебна исхрана, сметката може да биде значително повисока.

Европски бизнис вреден 29,4 милијарди евра

Според најновиот извештај на Европската федерација на индустријата за храна за домашни миленици (ФЕДИАФ), објавен во јуни 2026 година, европскиот пазар на храна за миленици вреди 29,4 милијарди евра годишно, а обемот на продажбата изнесува околу 8,6 милиони тони.

„Нашиот извештај потврдува здрав раст на бројот на сопственици на домашни миленици“, наведуваат од Федерацијата.

Според истражувањето, околу 140 милиони европски домаќинства, односно 49 проценти од домаќинствата во опфатените земји, чуваат најмалку еден миленик. Вкупниот број домашни миленици се проценува на 306 милиони.

Производителите одамна не се ограничуваат само на класичните гранули и конзерви. Се произведуваат сосови, паштети, сушени месни грицки, додатоци во исхраната, па дури и специјални пијалаци за кучиња.

Увезуваме многу, извезуваме малку

Особено интересен е податокот за македонскиот извоз. Во 2025 година Македонија извезла само 59,2 тони храна за кучиња и мачки, во вредност од 47.390 долари. Вредноста на увозот, практично, била околу 268 пати поголема од вредноста на извозот.

Овие бројки не го покажуваат вкупното домашно производство, но ја откриваат огромната разлика во трговската размена со странство.

Можност за развивање домашен бизнис постои и во производството на дополнителна храна за миленици. Сушени животински уши, пилешки нозе и други соодветно обработени нуспроизводи од месната индустрија во повеќе земји се продаваат како грицки за кучиња.

За ваков бизнис, сепак, не е доволно само да се обезбедат суровини и купувачи. Потребно е да се исполнат и законските услови за производство и продажба на храна за животни.

„Операторите со храна за животни треба да поднесат барање до Агенцијата за храна и ветеринарство“, стои во објаснувањето на Агенцијата за постапката за регистрација.

АХВ води регистри на одобрени и регистрирани оператори, а исполнувањето на условите се утврдува и преку увид од официјален ветеринар.

За помалите претприемачи, пак, една од можностите е специјализирана интернет-продажба со достава до домашна адреса. Особено кога станува збор за пакувања од 10 или 15 килограми, кои сопствениците на поголеми кучиња редовно ги набавуваат.

Колку е исплатлив овој бизнис зависи од набавните цени, транспортот, трошоците за складирање, конкуренцијата и трговските маржи. Самите увозни бројки не покажуваат колкава е заработката на трговците.

Но, едно е сигурно. Во 2025 година во Македонија дневно влегувале во просек речиси 25 тони увозна храна за кучиња и мачки. Тоа е пазар на кој домашните производители би можеле да побараат свое место.

Б.З.М.