МАКЕДОНИЈА

Од 1 декември голема промена за вработените во Македонија, се менуваат правилата за боледување

Сите што ќе имаат потреба да отсуствуваат од работа поради болест од 1 декември ќе треба да ги почитуваат новите правила за отворање и продолжување на боледувањето. Матичните лекари ќе можат да одобруваат боледување до пет дена врз основа на сопствената медицинска проценка, додека за подолго отсуство ќе бидат потребни дополнителни медицински наоди, во зависност од дијагнозата.

Настинка, грип, болки во грбот или друга здравствена состојба поради која вработениот не може да оди на работа, од почетокот на декември ќе се оценува според новите медицински критериуми.

Со новиот правилник на Фондот за здравствено осигурување, периодот во кој матичниот лекар може да одобри боледување без дополнителни дијагностички критериуми се намалува од седум на пет дена.

Дали по петтиот ден мора да се вратите на работа?

Не. Ова е една од најважните работи што граѓаните треба да ги знаат.

Матичниот лекар и понатаму ќе може да одобрува боледување до 15 дена, но за негово продолжување по петтиот ден ќе треба да бидат исполнети медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза.

Во зависност од здравствената состојба, тоа може да подразбира лабораториски испитувања, дополнителна дијагностика или преглед кај лекар специјалист.

Доколку боледувањето треба да трае подолго од 15 дена, одлуката ќе ја носи надлежната лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување.

Што ако повторно се разболите во рок од 30 дена?

Посебни правила ќе важат за граѓаните што ќе го затворат боледувањето, а во рок од 30 дена повторно ќе имаат потреба да отсуствуваат од работа поради заболување од истата дијагностичка група.

Во таков случај, за оправданоста на повторното отворање на боледувањето ќе одлучува лекарска комисија, по предлог на матичниот лекар.

Исклучок е предвиден кога пациентот има потреба од болничко лекување поради истата дијагноза.

Што треба да знаат родителите на мали деца?

Правилникот го уредува и боледувањето поради потреба од нега на болно дете до 14-годишна возраст.

Документот за боледувањето го издава избраниот лекар на детето, додека матичниот лекар на родителот го евидентира отсуството во неговата медицинска документација.

Предвидени се и олеснувања во однос на одредени дијагностички испитувања што не се соодветни за возраста на детето.

Што ако веќе сте на боледување?

Новите правила ќе се применуваат и на постапките за боледување што започнале пред 1 декември, а сè уште не се завршени.

Доколку граѓанинот не е задоволен од оценката на матичниот лекар или на првостепената лекарска комисија, има право да поднесе приговор до соодветната лекарска комисија.

Прочитајте и: Кога газдата не смее да ве избрка од работа?

Со оглед на тоа што започнува сезоната на настинки и грип, новите правила се особено значајни за вработените, родителите на мали деца и граѓаните со хронични заболувања.

Б.С.