Плата од 1.000, па дури и 1.200 евра, не е секогаш доволна за да се најде работник во Македонија. Додека илјадници граѓани бараат подобро платена работа, градежните компании, занаетчиските работилници и дел од угостителските објекти мака мачат да обезбедат кадар. Најтешко оди со работните места на кои се бара физичка сила, искуство и подготвеност да се работи на терен. За таква работа, велат познавачите на пазарот на трудот, сè помалку луѓе се заинтересирани.
Мајстори за плочки, водоводџии, електричари, заварувачи, фасадери, возачи на товарни возила и искусни градежни работници се меѓу занимањата за кои работодавачите тешко наоѓаат соодветен кадар.
Иако заработката кај поискусните работници може да достигне и 70.000 денари, а во одредени случаи и повеќе, тоа не значи дека кандидатите чекаат во ред за вработување.
Причината е едноставна. Парите се важни, но не се единствениот услов.
Во градежништвото работниот ден често почнува рано наутро. Се работи на отворено, на височина, на жештини и на студ. Во летните месеци температурите на градилиштата знаат да бидат неподносливи, додека во зима работата дополнително ја отежнуваат временските услови.
Токму затоа искусните мајстори стануваат сè побарани.
Според податоците од истражувањата за платите во Македонија, заработувачките во градежништвото значително се разликуваат зависно од работното место, искуството и компанијата. Горниот просек во оваа дејност достигнува околу 1.200 евра, додека поединечни работници можат да заработуваат и повеќе.
Посебно се бараат заварувачи. Податоците од анкетите за плати покажуваат дека најголемиот дел од заварувачите заработуваат меѓу 30.000 и 60.000 денари нето, додека најдобро платените го надминуваат овој износ.
Познавачите на пазарот на трудот посочуваат дека за ваквите занимања не е доволно само човек да сака да работи. Потребни се обука, вештина и искуство, а грешките понекогаш можат да бидат и опасни.
Недостигот од кадар не ги заобиколува ниту транспортните компании. Возачи со соодветни категории и искуство во управување товарни возила се бараат во транспортот и дистрибуцијата. Кај одредени ангажмани заработката може да биде значително повисока од просечната, особено кога се вклучени подолги релации и дополнителни надоместоци.
Но, тука доаѓа и другата страна. Долги часови зад волан, одговорност за товарот, работа во смени и често отсуство од дома.
Слична е состојбата и во угостителството. На рестораните им требаат готвачи, помошен персонал и келнери, особено во периоди кога обемот на работа е поголем.
Искусен готвач може да договори добра плата, но за возврат обично се бара брзина, организација и работа тогаш кога другите одмораат. Викенди, празници, вечерни смени…
Економистите го поврзуваат недостигот од работници со повеќе фактори, меѓу кои иселувањето, стареењето на работната сила и намалениот интерес на младите за одредени стручни занимања.
Од Агенцијата за вработување и претходно беше посочено дека најголем недостиг од кадар има во градежништвото, угостителството и производството.
Дополнителен проблем е што дел од искусните мајстори претпочитаат да работат самостојно, наместо да бидат вработени во компанија со фиксно работно време и месечна плата.
Економските аналитичари укажуваат и на разликата меѓу понудената плата и вистинската заработка. Износот што се споменува во оглас понекогаш вклучува бонуси, прекувремена работа или исполнување одредени норми.
Тоа значи дека оглас со можност за заработка од 1.200 евра не мора да подразбира фиксна плата од толкав износ.
Работодавачите, пак, се соочуваат со уште еден проблем. Дури и кога ќе најдат заинтересиран кандидат, не секогаш станува збор за човек што може веднаш да ја преземе работата.
За добар електричар, водоводџија или заварувач се потребни години практика.
А додека новиот кадар се обучува, работата не чека. Градилиштата продолжуваат, дефектите мора да се поправат, а нарачките да се испорачаат навреме.
Затоа во дел од овие професии искусниот мајстор денес може да преговара за условите и за платата многу повеќе отколку пред неколку години.
Б.З.М.