Илјадници граѓани во Македонија со години издвојуваат средства за својата идна пензија, но многумина не знаат колку пари имаат акумулирано на индивидуалната пензиска сметка. Најавените законски измени во пензискиот систем повторно го отворија прашањето каде завршуваат парите што секој месец се издвојуваат од платите на вработените.
За разлика од парите што граѓаните ги имаат на своите банкарски сметки, состојбата на индивидуалната пензиска сметка ретко се проверува, иако во текот на работниот век на неа може да се акумулираат значителни средства.
Колку пари од вашата плата одат во пензискиот фонд?
За членовите на вториот пензиски столб, шест проценти од основицата за пресметка на придонесите се насочуваат кон нивниот задолжителен приватен пензиски фонд.
На пример, доколку вашата бруто-плата изнесува 60.000 денари, распределбата според оваа стапка изгледа вака:
Период
Издвоени средства
Еден месец
3.600 денари
Една година
43.200 денари
Пет години
216.000 денари
Десет години
432.000 денари
Дваесет години
864.000 денари
Ова е поедноставена пресметка при непроменета плата и стапка на придонес, без вклучени надоместоци и остварен принос од инвестирањето.
Со растот на платата се зголемуваат и средствата што се издвојуваат за идната пензија.
Каде завршуваат овие пари?
Парите што се уплаќаат во вториот пензиски столб не стојат на обична банкарска сметка. Пензиските друштва ги инвестираат во државни обврзници, акции, инвестициски фондови и други дозволени финансиски инструменти.
Целта е во текот на работниот век да се зголемува вредноста на пензиската заштеда.
Средствата се сопственост на членовите на пензиските фондови и се одвоени од имотот на друштвата што управуваат со нив.
Како да проверите колку пари имате?
Секој член на задолжителен пензиски фонд има можност електронски да ја проверува состојбата на својата индивидуална сметка.
Во Македонија функционираат три задолжителни пензиски фонда:
Преку електронските услуги на пензиското друштво можете да добиете увид во уплатените придонеси, актуелната вредност на заштедата и движењето на средствата.
Пензиските друштва еднаш годишно доставуваат и извештај за пензиската заштеда, познат како „зелен плик“.
Што се случува со парите ако останете без работа?
Доколку останете без работа, парите што досега сте ги акумулирале не исчезнуваат.
Тие остануваат на вашата индивидуална пензиска сметка и продолжуваат да се инвестираат. Кога повторно ќе се вработите, уплатата на придонесите продолжува.
За разлика од обичните заштеди во банка, овие средства не можете слободно да ги повлечете кога ќе посакате, бидејќи се наменети за обезбедување приходи по пензионирањето.
Дали семејството може да ги наследи парите?
Ова е уште едно прашање за кое многу граѓани немаат доволно информации.
Доколку член на задолжителен пензиски фонд почине, а нема членови на семејството што остваруваат право на семејна пензија, акумулираните средства стануваат дел од оставинската маса и се наследуваат согласно законските одредби.
Што ќе се менува во 2027 година?
Актуелните предлог-законски измени повторно го ставија во фокус функционирањето на вториот пензиски столб.
Министерството за социјална политика, демографија и млади појасни дека вториот пензиски столб нема да се укине и дека одредбата за издвојување на шест проценти ќе биде уредена во друг закон.
Конечните решенија ќе бидат познати по завршувањето на законската процедура.
Без оглед на најавените промени, граѓаните треба редовно да проверуваат дали им се уплаќаат придонесите и колкава е вредноста на нивната пензиска заштеда.
Впрочем, станува збор за пари од кои во голема мера ќе зависи нивниот животен стандард по завршувањето на работниот век.