МАКЕДОНИЈА

Наследувате стан, куќа или земјиште од родителите? Внимавајте што потпишувате кај нотар

Наследувањето стан, куќа, автомобил или пари од родителите не секогаш значи само зголемување на семејниот имот. Со прифаќањето на наследството може да се наследат и финансиски обврски за кои наследниците претходно воопшто не знаеле. Затоа, пред да дадат наследничка изјава, граѓаните треба добро да проверат што останало зад починатиот.

Кога се води оставинска постапка, семејствата најчесто размислуваат за тоа кому ќе му припадне станот, кој ќе ја наследи куќата или како ќе се подели земјиштето.

Но, покрај недвижностите, автомобилите и парите во банка, починатото лице може да остави и неплатени кредити, долгови по кредитни картички и други финансиски обврски.

Може ли да наследите имот од 30.000 евра, а долг од 40.000 евра?

Според член 83 од Законот за сопственост и други стварни права, одговорноста на наследникот за долговите на починатиот е ограничена на вредноста на наследениот имот.

Да претпоставиме дека родителот оставил стан вреден 30.000 евра, но истовремено имал неплатени долгови од 40.000 евра.

Во таков случај, наследникот по основ на наследувањето одговара до 30.000 евра, а не за целокупниот долг од 40.000 евра.

Тоа, сепак, не значи дека доверителите можат да се наплатат исклучиво од наследениот стан. Ограничувањето се однесува на висината на одговорноста.

Што ако наследници се две или три деца?

Кога има повеќе наследници, нивната одговорност за долговите е солидарна, но секој од нив одговара најмногу до вредноста на својот наследен дел.

На пример, ако две деца наследат имот вреден 60.000 евра во еднакви делови, секое од нив по основ на наследувањето одговара до 30.000 евра.

Затоа е важно при поделбата на семејниот имот да се земат предвид и финансиските обврски, а не само вредноста на недвижностите.

Поврзано: Што се случува со кредитот кога ќе почине должникот, дали семејството мора да го враќа долгот?

Може ли да го прифатите станот, а да се откажете од долговите?

Законот за наследувањето не дозволува делумно или условно откажување од наследството.

Со други зборови, наследникот не може да одлучи дека ќе ја наследи куќата, автомобилот и парите во банка, но нема да ги прифати долговите.

Дополнително, еднаш дадената изјава за прифаќање или откажување од наследството по правило не може да се повлече. Поништување на изјавата може да се бара под посебни законски услови.

Внимавајте кога се откажувате од наследството во корист на братот или сестрата

Во Македонија не е невообичаено едно од децата да се откаже од својот наследен дел во корист на братот или сестрата.

Меѓутоа, од правен аспект постои значајна разлика меѓу откажување од наследство и отстапување на наследниот дел на друг наследник.

Според Законот за наследувањето, откажувањето во корист на определен наследник се смета за отстапување на наследниот дел. Тоа може да има различни правни последици, вклучително и во однос на одговорноста за долговите.

Граѓаните треба да внимаваат и дали нивното откажување се однесува само на нив лично или и на нивните потомци.

Што треба да проверите пред да одите кај нотар?

Пред да донесете конечна одлука за наследството, добро е да проверите:

  • Дали починатиот имал активни кредити во банки или финансиски друштва
  • Дали недвижностите се оптоварени со хипотека
  • Дали постојат долгови кон извршители
  • Дали кредитите биле обезбедени со животно осигурување
  • Дали постојат неплатени даноци и други финансиски обврски
  • Колкава е реалната вредност на имотот што го наследувате

Семејниот имот често се создава со децении, но една непромислена одлука во оставинската постапка може да создаде финансиски проблеми што ќе траат со години.

Затоа, пред да дадете наследничка изјава, важно е да знаете не само што добивате, туку и какви обврски преземате.

Б.С.