Кампањата на Кина за поттикнување на меѓународната употреба на јуанот се чини дека се засилува, бидејќи властите во Пекинг се обидуваат да изградат поцелосен финансиски екосистем за валутата, кој ќе оди подалеку од нејзината употреба само за плаќања во трговијата, пишува „Bloomberg“.
Пекинг е насочен кон развој на инфраструктурата за да ја прошири употребата на јуанот во меѓународното финансирање и инвестициите и да ја зајакне неговата улога како резервна валута. Тоа вклучува проширување на спектарот на достапни инвестициски производи и финансиски инструменти, како што се деривати и инструменти за хеџирање, истовремено олеснувајќи им на заемопримачите да издаваат таканаречени „дим сам“ обврзници – офшор обврзници деноминирани во јуани, како и „панда“ обврзници, нивен еквивалент што се издава во континентална Кина.
Јуанот е втората најкористена валута во меѓународното финансирање на трговијата. Графикон: „Bloomberg LP“.
Предизвикот за Кина веќе не е само да ги убеди своите трговски партнери да вршат плаќања во јуани. Земјата треба да обезбеди и валутата да има доволна ликвидност, канали за финансирање, инвестициски производи и резервни средства за да може да игра поголема улога во светските портфолија и капиталните текови.
„Bloomberg“ сумира четири области во кои Пекинг постигнува напредок кон интернационализација на јуанот:
1. Создавање повеќе офшор инвестициски производи во јуани
Мерките за проширување на офшор инвестициските производи деноминирани во јуани вклучуваат планови за зголемување на обемот и зачестеноста на издавањето државни обврзници во Хонгконг, каде што креаторите на политиките се стремат да развијат крива на принос за оваа валута.
Властите во Хонгконг, исто така, ја разгледуваат можноста за воведување краткорочни должнички инструменти во јуани и планираат да пуштат во употреба преработен фјучерс-договор за злато, деноминиран во јуани.
„Следниот фокус на политиката веројатно ќе биде забрзување на развојот на пазарите на средства во јуани“, вели Томи Ву, висок економист за Голема Кина и Североисточна Азија во „Standard Chartered Plc“ во Хонгконг.
„Еден од клучните предизвици е како да се искористат растечките потреби на меѓународните инвеститори за диверзификација и да се привлечат да ги зголемат своите инвестиции во средства деноминирани во јуани“, додава тој.
2. Додавање деривати во јуани и инструменти за хеџирање
Многу странски инвеститори би се воздржале од зголемување на своите вложувања во јуани доколку немаат начини да управуваат со нестабилноста, каматните стапки и валутните ризици.
Кинеските власти се обидуваат да одговорат на овие предизвици на неколку начини, меѓу кои и со проширување на главната врска за тргување со деривати со Хонг Конг, со цел на странските инвеститори да им овозможат пристап до повеќе каматни производи во континенталниот дел на земјата.
Во август, тие воведоа и нов сет фјучерси на државни обврзници во Хонг Конг, обезбедувајќи им на меѓународните инвеститори уште една алатка за хеџирање.
„Институциите нема да држат значителни салда во јуани без инструменти што нудат соодветно времетраење, ликвидност и управување со ризикот“, вели Томи Сие, раководител на макроистражувањата за Азија во „Oversea-Chinese Banking Corp.“ во Сингапур.
„Затоа, делот што недостига од сложувалката не е едноставно ‘повеќе средства во јуани’, туку целосен синџир на средства и обврски, како и инструменти за хеџирање“, додава тој.
3. Продлабочување на улогата на јуанот во финансирањето
Континентална Кина и Хонг Конг се стремат да ја претворат валутата во пошироко користен финансиски инструмент преку проширување на каналите за финансирање во земјата и во странство.
Кина планира да го направи издавањето и тргувањето со „панда“ обврзници подостапно за странските заемопримачи. „Панда“ обврзниците се долг деноминиран во јуани, издаден во континентална Кина од странски организации.
Хонг Конг се стреми да поттикне дополнително издавање должнички инструменти во јуани на својата територија, истовремено развивајќи „усовршена структура на рокови на достасување“ за таканаречените „дим сам“ обврзници – деноминирани во јуани и издадени надвор од континентална Кина.
Градот, исто така, работи на зголемување на ликвидноста на јуанот, што би им го олеснило на владите и компаниите прибирањето средства во оваа валута.
4. Проширување на прекуграничниот клиринг и порамнување во јуани
Кинескиот систем за прекугранични плаќања и порамнување во јуани добива сè поголем замав. Според податоците собрани од „Bloomberg“, годишниот обем на трансакции во 2025-та година достигнал 180,2 трилиони јуани, односно 26,9 трилиони американски долари – што претставува речиси четирикратно зголемување во период од 10 години.
Системот за прекугранични меѓубанкарски плаќања „CIPS“, кој постојано се проширува, им овозможува на компаниите и финансиските институции полесно да вршат трансакции во јуани надвор од границите на Кина, забележува Ву од „Standard Chartered“.
„Можеме да очекуваме напори за дополнително проширување на употребата на ‘CIPS’ за прекуграничен клиринг и порамнување, како и поттикнување на прекуграничните плаќања преку QR-кодови“, особено со земјите од Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија, вели тој.