МАКЕДОНИЈА

Плаќаме за сирење, а јадеме палмино масло: Каква храна ни продаваат во маркетите?

На декларацијата пишува сирење, а во пакувањето има растителни масти. На теглата пишува природен мед, а внатре може да има шеќерен сируп. Шишето скапо маслиново масло, пак, може да содржи мешавина од неколку значително поевтини масла.

Фалсификувањето на храната станува сериозен проблем на европскиот пазар, а од ваквите измами не се поштедени ниту македонските потрошувачи. Дополнителен проблем е што купувачите најчесто немаат начин да препознаат дека се измамени, дури и откако ќе го отворат и ќе го пробаат производот.

Дека вакви измами има и во македонските маркети потврдија годинашните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспекторите зеле 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи, како од домашно производство, така и од увоз, за да проверат дали нивниот состав одговара на она што производителите го напишале на декларациите.

Кај еден производител било откриено ситно сирење на чија декларација биле наведени 20 проценти млечна маст, а лабораториските анализи покажале дека производот содржи само еден процент. На операторот му била изречена казна од 3.500 евра. Уште осум производители и увозници биле казнети со по 1.050 евра поради отстапувања меѓу декларираното и вистинското количество млечна маст во производите.

„Во делот на млечните производи, анализата покажа присуство на растителна маст. Тоа е строго забрането кај производите како што се млекото, сирењето, кашкавалот, павлаката и путерот“, изјави во јуни претставничка на АХВ.

Економската логика зад ваквите измами е едноставна. Со замена на поскапите суровини со поевтини се намалуваат производствените трошоци, додека готовиот производ може да се продава по цена на оригиналниот. На тој начин производителот заработува повеќе, а истовремено создава нелојална конкуренција за оние што работат чесно и користат квалитетни суровини.

Меѓу производите што најчесто се предмет на вакви манипулации на европскиот пазар се медот, маслиновото масло, млечните производи, месото, рибата и зачините.

Колкава заработка може да донесе фалсификувањето на медот покажуваат податоците на Европската канцеларија за борба против измами. Во 2021 година просечната увозна цена на медот во ЕУ изнесувала 2,32 евра за килограм, додека оризовиот шеќерен сируп чинел меѓу 40 и 60 евроценти за килограм.

Купувачите во Македонија често се обидуваат да го проверат квалитетот на медот со домашни методи, ставајќи го во чаша вода или следејќи дали ќе кристализира. Меѓутоа, ваквите постапки не се сигурен доказ за неговата автентичност. За утврдување на составот потребни се соодветни лабораториски анализи.

Слична е ситуацијата и со маслиновото масло. Поради неговата висока цена, фалсификаторите имаат голем финансиски интерес да го мешаат со поевтини растителни масла. Измамите се однесуваат и на потеклото на производот, но и на неговата категорија, односно продажба на масло со понизок квалитет како екстра девствено маслиново масло.

Според Европол, ваквите измами се предмет на редовни меѓународни полициски операции во кои учествуваат царинските служби, инспекторатите и националните полиции.

Проблем има и кај месните производи. Кај нив манипулациите може да се однесуваат на видот и процентот на месото, количеството вода, како и на присуството на состојки што не се наведени на пакувањето.

Сепак, не секој производ што содржи растителни масти, скроб или протеини од соја е фалсификат. Таквите производи можат легално да се продаваат доколку нивниот состав е дозволен, правилно деклариран и доколку купувачот не се доведува во заблуда за тоа што го купува.

Од АХВ објаснуваат дека кај измамите со храна станува збор за намерно прекршување на прописите со цел остварување финансиска добивка преку доведување на потрошувачите во заблуда.

„Нашата примарна цел е заштита на потрошувачите“, порача претставничка на Агенцијата при презентирањето на резултатите од годинашните контроли.

Од Агенцијата ги советуваат граѓаните внимателно да ги читаат декларациите, особено списокот на состојки, податоците за производителот и условите за чување на храната.

Невообичаено ниската цена на одреден производ може да биде причина за сомнеж, но ниту високата цена е гаранција за квалитет. Кога вистинскиот состав на храната не одговара на напишаното на декларацијата, измамата во најголем број случаи може да ја откријат само инспекторите со помош на лабораториски испитувања.

Б.З.М.