МАКЕДОНИЈА

Компаниите со германски капитал и годинава ја оценија бизнис климата во Македонија

Како и секоја година таа и за оваа компаниите со германски капитал во земјава спроведоа истражување во кое се оценува деловната состојба во Македонија. Генерално тие се задоволни од бизнис климата но има и стопанственици кои не искажуваат голем оптимизам, односно имаат песимистички очекувања за периодот што следи.

На прашањето какво ја оценувате деловната состојба во Македонија, од германско-македонската деловна заедница за нивното работење во земјава и што очекуваат во наредните месеци, мнозинството анкетирани компании ја оценуваат како добра или задоволителна. Сепак, кога станува збор за идниот развој, компаниите се повнимателни. Околу 69 проценти очекуваат нивното работење да остане на сегашното ниво, додека бројот на компаниите што со оптимизам гледаат на иднината е ист со бројот на оние што имаат песимистички очекувања.

Според податоците, слични се очекувањата и во однос на инвестициите и вработувањето, каде што компаниите главно предвидуваат стабилност. Како најголеми предизвици ги издвојуваат развојот на побарувачката, зголемените трошоци за работна сила и недостигот од квалификувани работници. Резултатите покажуваат дека во земјава има добра основа за економски развој, но за да остане конкурентна и да привлече нови инвестиции, потребни се стабилни и предвидливи услови за работа, стручен кадар и подобра инвестициска клима.

Германските инвеститори го потенцираа директниот разговор како важен услов за продлабочување на партнерството помеѓу приватниот сектор и институциите, а како пример ја потенцираа посетата на премиерот Христијан Мицкоски и висока владина делегација на Северна Рајна-Вестфалија на почетокот на ноември.

„На тркалезната маса во Бон, организирана од Источниот комитет на германското стопанство и АХК Северна Македонија, претставници на германски компании имаа можност непосредно да разговараат со премиерот и членовите на делегацијата за предизвиците со кои се соочуваат, како и за своите очекувања и можностите за понатамошна соработка“, стои во извештајот на АХК „Business Outlook.

Анкетата на компаниите и средбите со владината делегација покажуваат дека инвестициите доаѓаат таму каде што компаниите гледаат можности за развој и имаат доверба во условите за работа што им се нудат.

„Довербата, секако, се гради и преку транспарентност, чесно работење и одговорност. Со започнувањето на иницијативата „Alliance for Integrity – National Hub North Macedonia“, заедно со компаниите правиме важен чекор кон поотворено и почесно деловно опкружување. Приватниот сектор има значајна улога во градењето деловна култура заснована врз интегритет и почитување на јасни и еднакви правила за сите. Северна Македонија има многу можности. Важно е тие да ги развиваме заеднички, преку отворена соработка меѓу компаниите и институциите, и да ги претвориме во нови инвестиции и одржлив економски раст. АХК ќе продолжи активно да го поддржува овој процес, да го поттикнува дијалогот и заедно со своите партнери да придонесува за конкретни резултати“, велат германските инвеститори.

Германските компании и натаму ја препознаваат Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, но нивните очекувања се јасна порака дека потенцијалот на земјата не е доволно искористен. Недостигот од квалификувана работна сила, административните бариери, правната неизвесност и неконзистентните економски политики остануваат сериозни предизвици.

Оценките за изминатите три години покажуваат дека довербата на инвеститорите не се гради само со поволни услови за вложување, туку пред сè со стабилна бизнис-клима, ефикасни институции и предвидливи правила на игра. Токму од исполнувањето на овие услови ќе зависи дали германските компании ќе продолжат да инвестираат, да ги прошируваат капацитетите и да отвораат нови работни места во Македонија.

И.П