МАКЕДОНИЈА

Како да направите свадба без да банкротирате?

Ресторан, музика, фотограф, венчаница, костум, бурми, торта, цвеќе, покани… Списокот на трошоци за една македонска свадба е долг, а сметката на крајот лесно може да надмине 10.000 евра. За младите брачни парови што допрва треба да решат станбено прашање, да купат мебел или да основаат семејство, организирањето свадбена веселба со неколку стотини гости може да претставува сериозен финансиски товар.

Според понудите за свадбени прослави во Македонија за 2026 година, цените на менијата во дел од скопските ресторани се движат од 1.350 до 2.150 денари по гостин, без дополнителниот пакет пијалаци, кој може да чини од 550 до 680 денари. Во полуксузните ресторани цените се значително повисоки.

Едноставната математика покажува дека за свадба со 200 гости, само за храна и пијалаци, младенците би требало да издвојат од 6.200 до 9.200 евра според овие понуди. А каде се другите трошоци?

Професионалните организатори на свадби советуваат младенците најпрво да утврдат со колку пари располагаат, па дури потоа да почнат да резервираат ресторан, музика и фотограф. Обратниот редослед лесно може да доведе до надминување на планираниот буџет.

„Бидете реални во поглед на буџетот. Дајте им предност на работите што ви се важни“, советува професионален организатор на свадби.

Помалку гости, помала сметка

Најголемата заштеда може да се направи со намалување на бројот на гости. Во Македонија сè уште е присутен обичајот на свадба да се канат далечни роднини, соседи, колеги од работа, па дури и пријатели на родителите со кои младенците речиси и да немаат контакт.

Ако цената за храна и пијалаци по гостин изнесува 35 евра, скратувањето на списокот за 50 луѓе автоматски носи заштеда од 1.750 евра. Дополнително се намалуваат трошоците за торта, покани, подароци за гостите и декорација на масите.

При резервирањето треба да се провери и што точно е вклучено во понудата. Дали пијалаците се неограничени, дали се доплаќа за продолжување на веселбата, дали се наплаќаат детските порции и дали ресторанот обезбедува сопствена декорација.

Венчаницата не мора да биде нова

Значителна сума може да се заштеди и со изнајмување венчаница наместо со купување. Истото важи и за дел од свадбените украси, кои ќе се користат само една вечер.

Фотографиите од раскошни свадби на социјалните мрежи, пак, неретко создаваат дополнителни трошоци. Цветни аранжмани на секоја маса, специјално осветлување, персонализирани подароци, декоративни ѕидови и дополнителни видеоснимки се услуги што одделно можеби не изгледаат прескапо, но заедно можат да чинат неколку стотици, па и илјадници евра.

„Традициите се менуваат и сè повеќе парови се одлучуваат за помали, поинтимни свадби“, посочува истиот организатор.

Младенците можат да заштедат и со ангажирање диџеј наместо голем музички состав, со испраќање електронски покани и со избор на поедноставен фотографски пакет.

Не сметајте однапред на парите од пликовите

Од аспект на личните финансии, особено ризично е свадбата да се организира со позајмени пари, со очекување дека трошоците ќе се покријат со подароците од гостите.

Висината на подароците е непредвидлива, додека обврските кон ресторанот, музичарите и фотографот се однапред договорени. Доколку младенците земат потрошувачки кредит, во пресметката треба да ги вклучат и каматата и банкарските трошоци.

Добро е да се остави и финансиска резерва за непланирани издатоци. Дополнителна маса во ресторанот, превоз на гости, преправка на венчаницата или продолжување на музичката програма се ситници што лесно можат да ја зголемат конечната сметка.

Најкорисно е младенците да побараат понуди од неколку ресторани, фотографи и музички состави пред да уплатат капар.

Разликата во цената за речиси иста услуга понекогаш може да изнесува неколку стотици евра. А тие пари, по свадбата, добро ќе им дојдат за опремување на заедничкиот дом.

Б.З.М.