МАКЕДОНИЈА

British Council ги претстави партнерствата и развојните потенцијали на креативната економија на Западен Балкан на конференцијата BEYOND 2026

Партнерствата меѓу Обединетото Кралство и Западен Балкан придонесуваат за развој на креативните вештини, зајакнување на културните индустрии и искористување на економскиот и општествениот потенцијал на креативноста.

British Council ја претстави својата работа за поддршка на развојот на креативната економија на Западен Балкан на конференцијата BEYOND 2026, меѓународен настан што се одржа во Салфорд и на кој се собраа креативни професионалци, деловни лидери, креатори на политики, истражувачи и финансиери за да ги истражат врските меѓу креативноста, истражувањето и деловните иновации.

Преку две посебни сесии, Гласови на проектите од Западен Балкан: Развивање на креативните таленти низ регионот (Western Balkans Project Voices: Growing Creative Talent Across the Region) и Креативен раст на Западен Балкан: Градови што растат преку културата (Western Balkans Creative Growth: Cities That Grow Through Culture), British Council ги обедини претставниците на креативниот сектор и локалните власти за да ги претстават резултатите од партнерствата меѓу Обединетото Кралство и Западен Балкан и да ги разгледаат можностите за понатамошна соработка.

Првата сесија го истакна влијанието на Фондот за развој на креативни вештини меѓу Западен Балкан и Обединетото Кралство (Western Balkans–UK Creative Skills Development Fund), преку кој се поддржани десет партнерства меѓу креативни организации од шесте економии на Западен Балкан и нивните партнери од Обединетото Кралство. Говорниците споделија различни примери, од првиот професионален камп за развој на вештини во гејминг-индустријата во Црна Гора и практични обуки за маркетинг за млади во Северна Македонија, до иницијативи за развој на нова публика за албанскиот филм и создавање професионални можности за уметници и куратори на Косово.

Дискусијата се фокусираше на тоа како меѓународната соработка и размената на знаења можат да придонесат за зајакнување на креативните организации, развој на талентите и создавање нови професионални можности низ регионот.

„Креативноста е огромен ресурс и потенцијал што го има Македонија, а младите се тие што ќе го претворат во резултат. На младите не им требаат ветувања, им треба шанса: вистинска работа, вистински одговорности и вредности на кои можат да се потпрат. Со поддршка од British Council, преку нашата академија им ја дадовме таа шанса и видовме што се случува кога талентот ќе се спои со интегрит и искуство. Но, ниту една земја од регионот не може сама. Западен Балкан е близу по територија, култура и таленти, и ако соработуваме, можеме да изградиме креативна сцена со која ќе се натпреваруваме со најдобрите. Младите не мора да ја бараат иднината некаде на друго место. Можат да ја градат тука“, изјави Јован Стојановски, оперативен директор на BD Grupa, Скопје.

Втората сесија, Креативен раст на Западен Балкан: Градови што растат преку културата, беше посветена на улогата на градовите и локалното лидерство во развојот на креативната економија. Претставници на локалните власти и културните иницијативи дискутираа за тоа како културата и креативноста можат да придонесат за урбаниот развој, вработувањето и вклучувањето на заедницата, споделувајќи искуства од Скопје, Сараево и други градови во регионот.

Во рамките на разговорот беа разгледани и можностите за размена на искуства со градови од Обединетото Кралство, како и улогата на локалните власти во создавањето поволни услови за развој на креативните бизниси, организации и нови таленти. Меѓу темите беа и подготовките на Скопје за остварување на амбицијата да стане Европска престолнина на културата во 2028 година.

„Европската престолнина на културата 2028 е можност Скопје да размислува пошироко од самата програма на културни настани и да создаде трајно наследство за градот. Сакаме културата и креативноста да станат составен дел од урбаниот развој, создавајќи можности за локалните уметници, креативните бизниси и заедниците. Учењето од искуствата на градовите во Обединетото Кралство може да ни помогне оваа амбиција да ја претвориме во реалност“, изјави Лазе Трипков, координатор на Скопје 2028 и советник на градоначалникот на Скопје за уметност и култура.

Програмата Creative Growth на British Council има долгорочен пристап кон поддршката на креативната економија во регионот преку развој на политики, истражувања, застапување, развој на вештини и меѓународна соработка, придонесувајќи за создавање услови во кои креативните индустрии можат да растат и да се развиваат.

Учеството на BEYOND 2026 обезбеди меѓународна платформа за организациите и претставниците на градовите од регионот да ја претстават својата работа, да воспостават контакти со партнери од Обединетото Кралство и да истражат можности за нови партнерства со потенцијални соработници и финансиери.

Преку поврзување на креативните професионалци, организациите, креаторите на политики и градовите, British Council има за цел да придонесе за посилна, поодржлива и меѓународно поврзана креативна економија на Западен Балкан, создавајќи можности за новите генерации и придонесувајќи кон поширокиот економски и општествен развој.