АВТОБИЗ

Од спортска лимузина до атрактивно купе: Погледнете што планираат Италијанците (ФОТО)

„Alfa Romeo Giulia Quadrifoglio“ е еден од последните спортски седани со високи перформанси, класичен мотор и акцент на уживањето во возењето, без електрификација.

Италијанската каросериска компанија „Castagna Milano“ сака овој модел да го претвори во атрактивно спортско купе со две седишта, но проектот засега е само идеја.

Името „Castagna Milano“ датира од 1849-та година, кога компанијата произведувала луксузни кочии за богатите клиенти. Оригиналната фирма престанала да постои во 1954-та година, но брендот бил обновен во почетокот на 2000-тите. Оттогаш се занимава со изработка на уникатни автомобили, вклучувајќи модели на марките „Fiat“ и „Peugeot“.

Нова каросерија од јаглеродни влакна

Според замислата на дизајнерите, промените би започнале со поместување на предните седишта, управувачот и инструмент-таблата за 330 милиметри наназад, поблиску до задната оска. Таквото решение би овозможило издолжување на предниот дел и промена на распределбата на масата.

Дизајнот на предниот дел комбинира триаголна маска, карактеристична за „Alfa Romeo“, со големи темни отвори за воздух и дневни LED-светла што потсетуваат на поновите модели на „Peugeot“. Сите нови каросериски панели би требало да бидат изработени од јаглеродни влакна, додека отстранувањето на задните врати би можело да ја намали масата на автомобилот на само 1.420 килограми.

Рендерите прикажуваат и целосно нови странични панели, нагласени врати, специјални тркала и задниот дел со тенки LED-светла, двојно поставени издувни цевки и дифузер од јаглеродни влакна.

Најинтересната промена е преклопливиот платнен покрив, со кој оваа преработка би се претворила во кабриолет. Засега не е познато како конструкторите би го надоместиле губењето на цврстиот покрив, но веројатно би било потребно дополнително зајакнување на шасијата.