Зимската сезона 2026/2027 сè уште не е почната, но резервациите веќе се прават. Хотелите нудат попусти за рано плаќање, туристичките агенции рекламираат семејни аранжмани, а ски-центрите ги објавуваат ценовниците. Проблемот е што цената за ноќевање е само почеток на сметката.
За седум ноќевања и шест дена скијање, со двајца возрасни и две деца на училишна возраст, треба да се пресметаат сместувањето, храната, превозот, ски-картите и опремата. Токму последните две ставки често го прават зимувањето значително поскапо од првично планираното.
Во Маврово, според објавените сместувачки понуди, семеен апартман со појадок може да се најде со почетна цена од околу 90 евра дневно, односно 630 евра за седум ноќи. Последните достапни ориентирни цени за дневни ски-карти се околу 1.500 денари за возрасни и 1.050 денари за деца.
На Попова Шапка, пак, домашните семејства можат да заштедат на превозот, особено ако патуваат од Скопје или Тетово. Во претходната сезона детската дневна карта чинеше 900 денари во работни денови и 1.050 денари за викенд. За семејство што не планира секојдневно скијање, еднодневните посети се можност да се избегнат седум ноќевања и големи трошоци за сместување.
Во Банско пресметката е поинаква. Кај еден од објавените хотелски аранжмани, седум ноќевања за четири лица со појадок чинат околу 1.360 евра со попуст за рана резервација. Во понуда за шестдневни ски-карти за сезоната 2026/2027 се наведени 371 евро за возрасен и 179 евра за дете од седум до 11 години. Тоа се 1.100 евра само за четирите ски-карти. Цените се од конкретна онлајн понуда и можат да се менуваат.
Практично, само сместувањето и скијањето во таков аранжман достигнуваат околу 2.460 евра. Храната, горивото и опремата дополнително ја зголемуваат сумата.
Ниту Боровец не е евтин. Според објавените онлајн тарифи, шестдневна карта чини 314 евра за возрасен и 190 евра за дете од седум до 13 години. За четиричлено семејство тоа се 1.008 евра. Ако се изнајмуваат и скии, чизми и стапови преку пакет со ски-карта, семејниот трошок може да достигне околу 1.200 евра, без хотел.
Копаоник традиционално привлекува туристи од Македонија, но цените на сместувањето многу се разликуваат. Објавена понуда за студио за седум ноќи изнесува околу 690 евра, додека хотелски апартман со појадок и вечера достигнува над 1.550 евра. Во главната сезона шестдневната ски-карта чини 27.100 српски динари за возрасен, а 18.200 динари за дете.
На Јахорина, седум ноќевања во приватен апартман се нудат за приближно 630 до 910 евра. Шестдневната ски-карта според редовниот ценовник за новата сезона изнесува 415 конвертибилни марки за возрасни и 352 марки за деца. Тоа значи дека четиричлено семејство може да потроши околу 785 евра само за ски-карти, пред евентуалните семејни попусти.
Познавачите на туристичкиот пазар при споредување аранжмани советуваат да се гледа вкупната цена, а не само износот што стои во рекламата. Економската пресметка е едноставна: поевтин апартман без оброци не мора да значи и поевтин одмор.
За храната, на пример, планирани 50 до 80 евра дневно за четири лица значат дополнителни 350 до 560 евра за една недела. Горивото, патарините и паркингот се посебна ставка, а изнајмувањето опрема може да додаде уште неколку стотици евра.
Затоа, семејство што ќе избере поскап хотел во регионален ски-центар, ќе изнајми целосна опрема и ќе скија шест дена, лесно може да ја надмине границата од 3.000 евра.
За оние што располагаат со значително помал буџет, останува старата пресметка: автомобил до најблиската планина, сендвичи од дома, санки за децата и враќање пред стемнување. Без хотелска сметка и без шестдневни ски-карти.
Б.З.М.