Кинеските производители продолжуваат да ја прошируваат понудата на автомобилски брендови, а најновиот пример е „Lepas“, марка што компанијата „Chery“ ја основа во 2025-та година за пазарите надвор од Кина.
По теренските модели „L4“, „L6“ и „L8“, претставен е концептот „Aura“, кој го најавува идниот дизајнерски правец на брендот, пишува „CarScoops“.
„Aura“ комбинира елементи на караван со спортска силуета, позната како „shooting brake“, и низок хечбек со три врати. Каросеријата се одликува со краток преден капак, издолжено меѓуоскино растојание, широки крила и големи врати.
Особено се истакнуваат необичните алуминиумски тркала со овални отвори и портокалови детали.
Предниот дел потсетува на „Audi“
Најголемо внимание привлекува агресивно обликуваниот преден дел. Големата затворена маска е поврзана со страничните отвори, додека тесните ЛЕД-светла потсетуваат на решенијата што ги користи „Audi“.
Одредени дизајнерски елементи асоцираат на новиот „Audi RS5“, додека обликот на светлата потсетува на претставениот „Audi A2 e-tron“.
Задниот дел има голем дифузор и светлосна лента што се протега по целата ширина на возилото. Задните светла се со овални облици и претставуваат дигитален екран чиј изглед може да се приспособува.
Интересно е и тоа што стаклената површина на кабината изгледа како единствена целина, без видливи столбови на каросеријата.
Главниот дизајнер на брендот „Lepas“, Иван Дулановиќ, истакна дека „концептот ја истражува елеганцијата преку едноставноста, наместо преку непотребни украси“.
Погонот сè уште не е откриен
„Chery“ не објави технички детали за концептот „Aura“, но наведува дека автомобилот претставува визија за иднината на електрифицираната мобилност.
Во зависност од моделот, „Lepas“ веќе користи бензински, плаг-ин хибридни и целосно електрични погонски системи од понудата на матичната компанија.
Иако „Aura“ засега останува дизајнерска студија, од „Lepas“ најавуваат дека нејзините пропорции, површините на каросеријата, светлосните решенија и боите ќе влијаат врз изгледот на идните сериски автомобили.