МАКЕДОНИЈА

Нови правила за корисниците на државни станови, можно е и присилно иселување!

Новите законски измени предвидуваат корисниците на старите државни станови да имаат рок до 31 декември 2027 година да побараат откуп или закуп. За дел од корисниците ќе има можност за откуп на рати до 30 години, со фиксна камата од 4%. Закупнината ќе се движи од 25 до 190 денари за квадратен метар, зависно од приходите на домаќинството. Ако не се поднесе барање ниту до дополнителниот рок 31 март 2028 година, може да следува присилно иселување.

Во собранието веќе се доставени предлог измените на Законот за домување. Со нив се предлагаат нови правила со кои се отвораат нови рокови во кои ќе можат конечно да го уредат станбениот статус – преку откуп, закуп или пренос на правото на користење. Според предлогот, рокот се продолжува до 31 декември 2027 година. Ова доаѓа откако дел од корисниците не ја искористиле претходната можност што важела до крајот на 2024 година.

Според информациите, предлогот е особено значаен за лицата кои имаат акт или договор за времено користење на стан издаден пред 16 мај 1998 година и кои непрекинато живеат во таков стан. Тоа се државни станови што биле делени по различни основи, како на пример експропријација на недвижен имот, уривање станбен објект или затоа што претходниот дом бил руиниран, небезбеден или склон кон уривање.

Дел од овие станови биле за привремена намена но корисниците останале во нив многу години, додека правата на располагање со недвижностите продолжиле да ги има Република Македонија. Сега, планот е со законските измени да се настојува токму овие долгогодишни односи да добијат конечна правна разврска. Можноста не се однесува само на првичниот носител на правото на користење. Барање ќе може да поднесе и член на семејното домаќинство кој продолжил да живее во станот по смртта на носителот на правото, како и членовите на семејството кои непрекинато го користат станот.

Според предложените измени, опфатени се и становите во поранешна општествена сопственост за кои корисниците во претходните рокови не го оствариле правото на откуп, пренос на правото на користење или закуп.

„Клучниот датум за сите е 31 декември 2027 година, а дотогаш корисниците треба да преземат чекор и да побараат соодветно решавање на статусот на станот. Доколку некој користи стан евидентиран во единствената евиденција на станбениот простор, а до крајот на 2027 година не побара закуп или откуп, надлежното правно лице треба писмено да го извести дека има дополнителен рок до 31 март 2028 година да го стори тоа. Но, ако и тој дополнителен рок мине без поднесено барање, предвидена е можност за присилно иселување“, се наведува во измените на законот за домување.

Во однос на условите тие зависат и од материјалната состојба на домаќинството. Корисниците се распределуваат во повеќе категории според вкупните приходи на членовите кои живеат во заедничкото домаќинство. Посебна категорија се лицата во социјален ризик, односно корисниците на социјална или постојана парична помош. За нив е предвидена можност за закуп, а додека го користат тоа социјално право нема да плаќаат закупнина. Следуваат домаќинствата со ниски приходи, со вкупни примања до една и пол просечна нето-плата, потоа оние со просечни приходи – од една и пол до две и пол просечни плати, како и домаќинствата со високи приходи, чии заеднички примања се над две и пол просечни нето-плати.

За корисниците кои плаќаат закуп, висината на закупнината ќе зависи од приходите и ќе се движи од 25 до 190 денари за квадратен метар. Трите категории надвор од групата на лица во социјален ризик ќе имаат можност да изберат и откуп на станот. И тука финансиските услови се поврзани со приходите.

Минималното сопствено учество при откупот ќе се движи од 5 до 30 проценти од утврдената вредност на станот, зависно од категоријата во која припаѓа домаќинството. Предвиден е рок на отплата до 30 години, со фиксна каматна стапка од 4 проценти годишно. Вредноста по која ќе се откупува станот нема произволно да ја определува корисникот или надлежното претпријатие, туку ќе се пресметува согласно важечката методологија за утврдување на вредноста на станот.

И.П