АВТОБИЗ

Новата „Kia EV9“ за 2027: Црни детали, поголеми тркала и подобро забрзување

Најголемиот целосно електричен SUV на „KIA“, „EV9“, за моделската 2027-ма година добива низа подобрувања, меѓу кои и новата верзија „Black Edition“.

Покрај поатрактивниот изглед, подобрени се одредени решенија во кабината, унапредена е регенерацијата на енергијата при сопирање, а достапна е и функција што овозможува побрзо забрзување.

„Kia EV9“, претставена во 2023-та година, за новата моделска година носи дополнувања насочени кон удобноста и секојдневната практичност. Меѓу нив се површини обложени со велур на централната конзола и облогите на вратите, „USB“ приклучок со моќност од 100 W и можност за греење на седиштата во третиот ред.

Подобрен е и системот за регенеративно сопирање „I-Pedal 3.0“, кој овозможува поефикасно забавување и враќање на енергијата во текот на возењето, особено во градски услови со чести запирања и тргнувања. Системот истовремено може да ја намали потребата од често притискање на педалата за сопирање, придонесувајќи за поголема удобност на возачот.

Црни детали и специјални тркала

Новата верзија „Black Edition“ се приклучува на постојните пакети на опрема. Препознатлива е по бројните детали во сјајна црна боја, специјалните седишта и ексклузивните алуминиумски тркала со пречник од 20 инчи.

Црни елементи има на горниот и долниот дел од предната маска, заштитните детали на браниците, долните лајсни на вратите, куќиштата на надворешните ретровизори, задниот дел на браникот и кровните носачи. Во ист тон се изведени и предното и задното лого на „Kia“.

Во кабината се наоѓаат специјални црни седишта со декоративни шевови, додека предните седишта за релаксација имаат мемориска функција. Комбинацијата на темните детали и специфичните елементи на опремата треба да го нагласи полуксузниот карактер на оваа верзија.

„Black Edition“, сепак, не носи само визуелни измени. Со функцијата „Acceleration Boost“, забрзувањето од место до 100 километри на час е скратено од 5,8 на 5,1 секунда, што претставува подобрување од 0,7 секунди.

Досег до 563 километри

„Kia EV9“ комбинира пространа внатрешност, модерен дизајн и напредни можности за поврзување. Според стандардот „WLTP“, декларираниот досег изнесува до 563 километри со едно полнење, во зависност од верзијата и конфигурацијата на возилото.

Електричниот SUV користи архитектура од 800 волти, која овозможува брзо полнење. Според податоците на производителот, батеријата може да се наполни од 10 до 80 проценти од капацитетот за приближно 24 минути, во соодветни услови и со користење доволно моќен полнач.

„Kia“ наведува и дека верзијата со погон на задните тркала може за 15 минути полнење да добие досег до 249 километри, додека варијантата со погон на сите четири тркала во истиот период може да обезбеди до 226 километри дополнителен досег. Резултатите во пракса зависат од температурата на батеријата, моќноста на полначот и други услови.

Преку услугата „Kia Charge“, на корисниците им е овозможен пристап до мрежа со повеќе од еден милион приклучоци за полнење во 27 европски земји.

Производството почнува во август

„Kia“ продолжува да ја развива својата понуда на електрични автомобили на европскиот пазар, со акцент на ефикасноста, удобноста и практичноста. „EV9“ останува еден од најважните модели во нејзината електрична гама, а новата моделска година носи повеќе можности за персонализација и дополнителна опрема.

Производството на моделот за 2027-ма година, вклучително и на новата верзија „Black Edition“, треба да почне во август. Почетокот на примањето нарачки на европските пазари е најавен за периодот до крајот на годинава.

Точните датуми на пристигнување, цените и достапноста на поединечните верзии ќе зависат од пазарот.