АВТОБИЗ

Анализа: „Volkswagen“ заработува само 12 евра од продаден автомобил

Германскиот автомобилски производител „Volkswagen“, кој се соочува со сериозни проблеми, веќе заработува само 12 евра од секој продаден автомобил.

Оваа бројка главно се должи на специјалните трошоци во износ од 8,7 милијарди евра, објави „Welt“, повикувајќи се на истражување на Центарот за автомобилски менаџмент (CAM).

Коригираната профитна маржа од 3,8 отсто покажува дека „Volkswagen“ мора дополнително да ги намали трошоците и да ја подобри профитабилноста за да ја обезбеди својата долгорочна конкурентност.

Добивките се под притисок во целата автомобилска индустрија. Производителите на автомобили во просек оствариле поврат на продажбата од 3,6 отсто во првите девет месеци од годината, во споредба со четири отсто во истиот период лани. Две третини од компаниите оствариле помала добивка.

„Кога добивките паѓаат речиси шест пати побрзо од приходите, тоа е предупредувачки знак за индустријата“, изјави Штефан Брацел, директор на „CAM“.

Според него, трансформацијата на автомобилската индустрија мора да биде посилно насочена кон иновации што носат профит и кон поефикасни организациски структури.

Според истражувањето, просечната добивка од продаден автомобил во индустријата изнесува 1.363 евра, во споредба со 1.409 евра пред една година.

„Mercedes“ ја зголемил добивката по автомобил за 31 отсто, на 4.198 евра. „BMW“, пак, заработува околу една третина помалку отколку претходната година, односно 3.059 евра по автомобил.

„Toyota“ и „General Motors“ исто така остваруваат добивки над просекот во секторот.

„Tesla“, со 1.335 евра добивка по автомобил, е малку под просекот, додека „Ford“, „BYD“, „Chery“ и „Suzuki“ остваруваат меѓу 994 и 1.254 евра од секое продадено возило.

Кинеските производители „Geely“, „SAIC“ и „Great Wall“ заработуваат околу 700 евра по автомобил, додека „Stellantis“, матичната компанија на „Opel“, остварува едвај 250 евра.