АВТОБИЗ

„Volkswagen“ го запира развојот на долгоочекуваниот автомобил

„Volkswagen“ привремено го прекинува развојот на идниот електричен модел „ID. Golf“ поради притисокот врз профитабилноста и потребата од намалување на трошоците.

Групацијата на основни марки на „Volkswagen“ („Brand Group Core“) во првите девет месеци од 2026-та година остварила оперативна добивка од 4,33 милијарди евра, во споредба со 4,72 милијарди евра во истиот период минатата година.

Оперативната профитна маржа се намалила од 4,4 на 4,1 отсто, додека продажбата од 3,75 милиони возила и приходите од 106,4 милијарди евра останале речиси непроменети.

Компанијата се соочува со сè посилна конкуренција, повисоки трошоци за продажни стимулации, преструктурирање и премин кон електрични автомобили, кои во моментов носат помали профитни маржи од моделите со мотори со внатрешно согорување.

Особено тешка е состојбата на марката „Volkswagen“ за патнички автомобили, чија оперативна маржа паднала на само 1,3 отсто. Без вонредните трошоци, таа би изнесувала 2,6 отсто.

Наспроти тоа, „Škoda“ остварила маржа од 8,3 отсто, „Volkswagen Commercial Vehicles“ од 3,8 отсто, додека „Seat“ и „Cupra“ забележале само 0,1 отсто.

Финансискиот директор на „Volkswagen“ и на групацијата „Brand Group Core“, Дејвид Повелс, порача дека компанијата мора дополнително да ги намали трошоците, да го оптимизира обртниот капитал и построго да ги контролира инвестициите.

„Една од конкретните мерки е привремено запирање на развојот на идниот електричен модел „ID. Golf“, сè додека не успееме да ги обезбедиме потребните средства за инвестиции“, изјави Повелс.

„Volkswagen“ засега не се откажува трајно од проектот, туку го става неговиот развој на чекање додека не се обезбедат потребните финансиски средства.

Одлуката покажува колку притисокот врз профитабилноста влијае врз плановите за електрификација на еден од најважните автомобилски производители во Европа.

И покрај послабите резултати, нето-ликвидноста на автомобилскиот бизнис на „Volkswagen“ на крајот на септември изнесувала 32,98 милијарди евра.

Сепак, компанијата продолжува да бара начини за намалување на трошоците и поефикасно користење на заедничките ресурси на своите марки.