Кога некој ќе спомене пензија во странство, сонце и помирен живот, Европа речиси автоматски влегува во комбинација. Шпанија, Португалија, Италија или Грција со години се меѓу првите асоцијации. Но новото глобално рангирање за 2026 година донесе изненадување, односно најдобрата земја во светот за пензионерски живот повеќе не е европска.
На првото место се искачи Уругвај, кој го презеде врвот од Португалија, минатогодишниот победник. Втора е островската држава Маурициус, додека најдобро пласираната европска земја е Шпанија, на третото место.
Тоа не значи дека Европа ја загубила трката. Напротив. Од десетте најдобро оценети земји во светот, дури шест се европски: Шпанија, Португалија, Латвија, Андора, Италија и Грција. Но новиот Global Retirement Report 2026 на Global Citizen Solutions покажува дека при изборот каде да се поминат пензионерските години, убавото време и добриот здравствен систем веќе не се единствените работи што се мерат. Во игра влегуваат даноците, трошоците, условите за престој, брзината на постапката, можноста за добивање државјанство и слободата за патување.
Како Уругвај ги победи европските фаворити?
Интересно е што Уругвај не победува затоа што е убедливо најдобар во една конкретна категорија. Неговата предност е во тоа што нема голема слабост. Добро е оценет во сите пет области што ги мери индексот: квалитет на живот, мобилност и државјанство, даночен третман, процедура за аплицирање и економска достапност.
Токму балансот го однел на првото место.
Разликите на врвот, сепак, се мали. Според извештајот, помалку од четири поени ги делат првото и десеттото место, што значи дека не постои една држава која е идеална за секој пензионер. Некој ќе избере пониски даноци, друг безбедност, трет поевтин живот, а за некого најважно ќе биде колку лесно може да добие престој и со себе да го пресели семејството.
Европа токму тука има интересен проблем. Нејзините најдобри дестинации генерално добиваат високи оценки за квалитетот на животот и можностите за патување, но дел од нив губат поени кога ќе се дојде до даноците.
Добар пример за тоа е Шпанија. Таа е трета во светот и најдобро рангирана европска земја, а според индексот е петта глобално според квалитетот на живот. Постапката за аплицирање може да се заврши за период до осум месеци. Но кога станува збор за даноците, сликата целосно се менува. Шпанија е последна меѓу 46-те анализирани земји во даночната категорија. Причините што ги наведува извештајот се оданочувањето на глобалниот доход, регионалните даноци на богатство и отсуството на посебен повластен режим за носителите на вакви визи.
Со други зборови, земјата може да биде одлична за живеење, но не нужно и најевтина за пензионер со поголем имот и приходи од странство.
Португалија беше број еден, сега е петта
Уште поинтересна е приказната со Португалија. Во 2025 година беше на врвот на светската листа. Само една година подоцна падна на петтото место.
Една од причините е промената на условите за стекнување државјанство наведена во извештајот. Периодот потребен за најголем дел од кандидатите надвор од Европската Унија е зголемен од пет на десет години.
Португалија и покрај падот останува привлечена поради релативно нискиот финансиски праг. За програмата се наведува минимален месечен приход од 920 евра, што ја прави една од попристапните опции меѓу популарните европски дестинации.
Но евтиниот влез не значи дека сè оди брзо. Обработката може да трае и до две години, а Португалија е дури 41 место на даночниот дел од рангирањето.
И тука почнува да се гледа колку различна може да биде математиката на пензионирањето во странство.
Ако некој има релативно скромна пензија и сака пристапна европска држава, една земја може да биде логичен избор. За пензионер со големо инвестициско портфолио, повеќе недвижности или значителни приходи од странство, даночниот систем може целосно да ја промени пресметката.
Ниски даноци или евтин живот? Ретко се добива сè
Некои земји се обидуваат токму преку даноците да привлечат странски пензионери.
Грција, на пример, нуди можност за фиксно оданочување од 7% на странските пензиски приходи под определени услови. Сличен режим постои и во одредени делови од јужна Италија. Кипар може да понуди стапка од 5% под одредени услови, но постапката таму може да трае повеќе од две години.
Андора оди уште подалеку во делот на даноците. Данокот на доход е ограничен на 10%, а според анализата нема данок на богатство или наследство. Истовремено има извонредни резултати за безбедност и животна средина и е трета во светот според квалитетот на живот.
Но тука доаѓа големото „но“.
Андора е најскапата програма во целиот индекс. За неа се бара локална инвестиција од еден милион евра, заедно со значителни приходи. Тоа практично ја претвора во опција за многу потесен круг луѓе.
На другиот крај е Латвија, трета меѓу европските дестинации, каде што обработката трае приближно два до четири месеци и програмата е меѓу оние со најниски трошоци.
Ирска, пак, го освоила првото место во индексот кога се гледа само квалитетот на животот. Предностите се англиското говорно подрачје, безбедноста и високите еколошки оценки. Италија и Грција се прва и втора во светот во категоријата мобилност и државјанство.
Затоа листата станува многу поинтересна кога ќе се погледне подалеку од првото место.
За некого Уругвај ќе биде најдобрата комбинација. За друг Шпанија. Некој со поголем капитал може да ја гледа Андора, а пензионер кому даноците му се клучни ќе прави сосема друга пресметка.
На крајот, можеби најголемото изненадување во рангирањето за 2026 година не е само тоа што Уругвај ја симна Португалија од врвот, туку што шест од десетте најдобри дестинации и понатаму се во Европа, а ниту една не успева истовремено да понуди најдобар квалитет на живот, најниски даноци, најевтин престој и наједноставна процедура.
Пензионирањето во странство очигледно сè помалку е прашање само каде има море, сонце и убаво време.
Сè повеќе е прашање колку пари имате, од каде ви доаѓаат и колку од нив ќе ви останат откако ќе се преселите.