Земјата е на пат да оствари примарен буџетски суфицит од 1 отсто од БДП оваа година, што ќе ја направи единствената економија во групата со таков резултат.
Во септември 1992-ра година, Италија понуди важна лекција за европските финансии. Италијанската лира беше исфрлена од Европскиот механизам за девизни курсеви, вредноста на валутата нагло падна, а Рим беше принуден да ги уверува инвеститорите дека и понатаму може да ги отплаќа своите долгови. Следуваа повеќе од три децении штедење, за кои Италијанците сè уште имаат поделени мислења. Година по година, државата собираше повеќе приходи отколку што трошеше, пред да се пресметаат каматите на долгот, пишува „Euronews“.
Економистите ова го нарекуваат примарен буџетски суфицит. Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Италија остварила ваков суфицит во 28 од 34 години од 1992-ра година наваму.
Сега една од најголемите банки во светот смета дека и останатите членки на Г-7 ќе мора да го следат италијанскиот пример.
„Секоја членка на Г-7 ќе мора да го следи примерот на Италија“, вели Џенет Хенри, главна економистка во „HSBC“.
Нејзиниот аргумент се темели на едноставна математика. Кога каматната стапка што владата ја плаќа на својот долг е повисока од стапката на економски раст, долгот продолжува да расте како удел во економското производство, освен ако владата не троши помалку отколку што собира приходи пред исплатата на каматите.
Со оглед на високите трошоци за задолжување во развиените економии, Хенри очекува оваа разлика да продолжи да постои.
Италија е единствената земја од Г-7 која троши помалку отколку што остварува како приход. Графикон: ММФ/„Euronews“
Лекција што Италија ја научи на потешкиот начин
„Италија не е пример за успех – нејзиниот долг и понатаму е висок, но земјата со години остварува постојан примарен суфицит, како последица на тешката валутна и должничка криза од 1992-ра година“, истакнува Хенри.
Разликата е во тоа што Рим со децении вложува напори за финансиско приспособување, додека другите земји допрва почнуваат.
„За разлика од Италија, ниту една од останатите членки на Г-7 не спроведува долгорочна фискална консолидација“, коментира Хенри.
Само државите што почувствувале одреден притисок од пазарите на обврзници, како Велика Британија, се обиделе во изминатата година да ги намалат буџетските дефицити, додава таа.
И САД се соочуваат со ваков проблем. Хенри цитира процена на директорот на Конгресната буџетска канцеларија, институцијата што ги следи јавните финансии во САД, според која стабилизирањето на американскиот долг само преку економски раст би барало номинален раст од 7 до 8 проценти годишно, со сегашните стапки.
Таа предупредува и дека можностите за лесно решавање на проблемот се исцрпени. Владите не можат да ги намалат расходите на начин на кој тоа го направија Грција и Португалија по должничката криза во еврозоната. Ниту зголемувањето на продуктивноста благодарение на вештачката интелигенција нужно ќе донесе лесен начин за зголемување на даночните приходи.
„Пред нас се тешки политички одлуки“, истакнува Хенри.
Италија е исклучок
Најновите податоци на ММФ покажуваат по што Италија се разликува од останатите земји.
Се очекува земјата оваа година да оствари примарен суфицит од 1 процент од бруто-домашниот производ (БДП), кој во 2027-ма година би се зголемил на 1,2 проценти. Тоа е единствената економија во Г-7 за која се предвидува ваков суфицит.
Франција се движи кон примарен дефицит од 2,9 проценти од БДП оваа година. За Германија, која со години инсистираше на строга фискална дисциплина во еврозоната, се очекува примарен дефицит од 3,4 проценти, бидејќи Берлин ги зголемува трошоците за одбрана и инфраструктура.
Според прогнозите, САД ќе имаат примарен дефицит од 4,9 проценти, Канада од 2,6 проценти, додека Јапонија и Велика Британија ќе бидат на околу 1,2 проценти.
Економистот на ММФ, Жолт Дарваш, проценува дека на Франција и на САД им е потребен примарен суфицит од 1,3 проценти од БДП за да го стабилизираат долгот, додека на Велика Британија ѝ е потребен суфицит од 1,8 проценти.
За Франција тоа би значело подобрување на буџетот за повеќе од четири процентни поени од БДП. Дарваш забележува дека Париз го достигнал потребното ниво само шест пати во последните пет децении.
Во меѓувреме, ММФ очекува јавниот долг на Италија оваа година да достигне 137,9 проценти од БДП, што е највисоко ниво во еврозоната. Кај Франција, јавниот долг се проценува на 118,5 проценти од БДП.
Промени на пазарите на обврзници
Се чини дека инвеститорите дошле до сличен заклучок како и „HSBC“.
Во понеделникот, во 13:26 часот по средноевропско време, приносот на 10-годишните италијански државни обврзници изнесувал 4,43 проценти, додека споредливите француски обврзници носеле принос од 4,93 проценти. Во петокот разликата достигнала 50 базични поени во корист на Италија – најголема предност на Италија во однос на Франција најмалку од 1999-та година, покажуваат податоците на „TradingView“.
Пресвртот е брз. На почетокот на 2025-та година, Италија плаќала 34 базични поени повисока камата од Франција за задолжувањето. Кривите на принос се пресекле во септември 2025-та година, а оттогаш разликата продолжува да се зголемува во корист на Рим.
Италија сега се задолжува по пониска цена и од Велика Британија, каде што приносот на 10-годишните државни обврзници изнесува 5,35 проценти, како и од САД, каде што истиот принос достигнува 5,12 проценти.
Во однос на Германија, разликата во приносот на 10-годишните обврзници изнесува 106 базични поени во корист на Италија. Во споредба со Франција, разликата е 156 базични поени.
Буџетот го става моделот на тест
Најголемиот предизвик за Италија би можел да дојде токму од Рим. Владата на Џорџа Мелони го одобри буџетот за 2027-ма година на 28-ми октомври. Станува збор за пакет вреден околу 26 милијарди евра, кој во моментов минува низ парламентарна процедура. Голем дел од мерките се однесуваат на даночни олеснувања.
Младите работници во приватниот сектор, родени по 1997-ма година и со годишни приходи до 28.000 евра, ќе плаќаат фиксен данок од 1 процент на зголемувањата на платите до 2.500 евра. Зголемувањата на платите што произлегуваат од обновени колективни договори ќе се оданочуваат со фиксна стапка од 5 проценти за работниците со годишни приходи до 33.000 евра.
Самовработените ќе можат да останат во режимот на паушално оданочување со приходи до 100.000 евра, наместо досегашниот праг од 85.000 евра.
Данокот за автомобили целосно ќе биде укинат за едно осигурено возило со моќност до 80 киловати по сопственик, а мајките со две или повеќе деца и годишни приходи до 40.000 евра ќе добиваат по 100 евра месечно ослободени од данок.
За да се покријат дел од овие мерки, банките и осигурителните компании ќе се соочат со зголемување на корпоративниот данок за три процентни поени во период од две години. Енергетските компании ќе плаќаат повисок регионален данок на добивка, а данокот на финансиските трансакции ќе биде двојно зголемен, на 0,8 проценти.
Италијанската сметна комора, која ги контролира јавните расходи, на 9 ноември ги предупреди пратениците дека голем дел од даночните олеснувања истекуваат на крајот на 2027-ма година. Околу 70 проценти од средствата за нивното финансирање нема да бидат обновени, со што одлуката за нивната иднина ќе му биде оставена на следниот парламентарен состав.
Фискалниот план на владата, објавен во октомври, предвидува буџетски дефицит од 2,9 проценти од БДП оваа година, кој во 2027-ма година ќе се зголеми на 3,4 проценти, откако ќе бидат вклучени дополнителните трошоци за одбрана и енергетика, дозволени според правилата на Европската Унија.
Според прогнозите, јавниот долг на Италија следната година ќе се зголеми на 138,5 проценти од БДП.