СВЕТ

Лагард мерка нова фотелја по заминувањето од ЕЦБ

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека би можела да размисли за преземање на раководната функција во Светскиот економски форум, откако ќе ја напушти позицијата во европската монетарна институција, објави „Bloomberg“.

„Тоа е една од опциите. Но, засега сум претседателка на Европската централна банка и ќе останам на таа функција до 7-ми февруари. Нема да се занимавам со никакви шпекулации за тоа што ќе правам потоа. Но, не одам во пензија“, рече Лагард на настанот „New York Times DealBook“.

Во октомври Лагард објави дека ќе ја напушти ЕЦБ пред истекот на мандатот, со што осумгодишниот мандат ќе го скрати за речиси девет месеци. Шпекулациите за нејзиниот следен ангажман се насочени кон испразнетото раководно место во Светскиот економски форум, со седиште во Женева. Претходно таа демантираше дека сака да го наследи Емануел Макрон на функцијата претседател на Франција.

Говорејќи во Њујорк, Лагард нагласи дека „во Европа во моментов се подготвуваат низа избори“ и дека нејзината сегашна функција бара да остане неутрална.

Тоа ќе се промени откако ќе ја напушти ЕЦБ. Се очекува Лагард потоа многу поотворено да зборува за Франција, чии буџетски проблеми и политичката криза во изминатите месеци предизвикаа распродажба на пазарот на државни обврзници.

„Сметам дека моја должност е да ги разјаснувам работите, да ги исправам неточностите и да зборувам од мојата позиција, врз основа на искуството што го имам“, изјави таа.

Во трката за нејзин наследник на чело на ЕЦБ, Холандија и Шпанија ги предложија своите поранешни гувернери на централните банки – Клаас Кнот и Ернандес де Кос.

Промените се случуваат во чувствителен момент. Инфлацијата е двојно над целното ниво на ЕЦБ од два процента, додека загриженоста на инвеститорите за состојбата на јавните финансии во Франција се зголемува.

Клучна улога во изборот на новиот претседател на ЕЦБ ќе има договорот меѓу лидерите на двете најголеми економии во регионот – германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.