СВЕТ

Населението на ЕУ може да го достигне врвот уште во 2029-та, што е лоша финансиска вест

Со стареењето на населението во западните земји, намалувањето на бројот на работници и зголемувањето на трошоците ќе создадат дополнителен товар врз јавните финансии, предупредува агенцијата за кредитен рејтинг „Moody`s“, пренесува „CNBC“.

Европа се соочува со најтешките последици од оваа демографска промена. Според Европската комисија, се очекува населението на Европската Унија да го достигне својот максимум уште во 2029-та година, „по што ќе започне долготраен пад“.

Бирото за попис на населението на САД, според основното сценарио, не очекува американското население да го достигне својот максимум пред 2080-ма година, а според сценариото со ниска имиграција – пред 2043-та година. Сепак, ако се исклучи влијанието на имиграцијата, намалувањето на населението веќе започнало.

Од „Moody`s“ посочуваат дека фискалниот притисок што произлегува од стареењето на населението се појавува многу пред бројот на жители реално да почне да се намалува.

Во моментов, економиите на земјите од Г-7 имаат околу три лица во работоспособна возраст на секој човек постар од 65 години. Се очекува до 2050-та година овој сооднос да се намали на околу двајца работоспособни лица на еден човек над 65 години, што дополнително ќе ги оптовари економскиот раст и јавните финансии, вклучително и здравствениот систем, наведуваат од „Moody`s“.

„Стареењето на населението влијае врз економиите преку забавување на економскиот раст, зголемување на притисокот врз јавните финансии поради трошоците за пензии и грижа, промени во потрошувачката побарувачка, како и преку промените во реалните каматни стапки и приносите на државните хартии од вредност“, изјави за „CNBC“, Оливие Шемла, потпретседател за кредитни стратегии и стандарди во „Moody`s“.

Во претходен извештај „Moody`s“ прогнозираше дека стареењето на населението на глобално ниво ќе има фундаментално влијание врз светската економија и ќе наложи носење тешки политички одлуки.

Иако растот на населението долго време беше двигател на економскиот раст и фактор за добра кредитоспособност, падот на стапката на наталитет и досега невидената брзина на промени во старосната структура сега ја менуваат оваа слика, наведуваат од „Moody`s“.

„Помалиот број работници ќе го ограничи производствениот капацитет, додека помалиот број домаќинства и потрошувачи ќе ја ослабне побарувачката. Како резултат на тоа, земјите ќе мора повеќе да се потпираат на продуктивноста за да го одржат растот“, се наведува во извештајот.

Влијанието на вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција (ВИ) и зголемената продуктивност можат само делумно да го ублажат долгорочниот предизвик поврзан со стареењето на работната сила, изјави Шемла.

„Тоа е делумен ублажувачки фактор, бидејќи секако е можно да се замени и зајакне страната на понудата во економијата, и во фабриките и во услужниот сектор. Но, истовремено, роботите не трошат – барем засега – па од страната на побарувачката ќе продолжи да постои овој дефицит, кој ќе го забавува растот“, додаде тој.

Не станува збор само за Европа и САД. И економиите во развој стареат брзо. Уделот на луѓето на возраст од 65 и повеќе години во Кина се удвоил од 7 на 14 отсто во последните две децении, а сличен тренд следат и Бразил, Тајланд и Турција.

Овие земји ќе мора да ги преземат трошоците поврзани со стареењето на населението при значително пониски нивоа на приходи во споредба со развиените економии, кои низ овој процес поминале порано, се наведува во извештајот. Во Европа, се додава, истата демографска промена се одвивала во период од неколку децении.