Инвеститорите во злато минуваат низ тежок период. По силниот раст во изминатите години, кога металот во 2025-та година достигна нови рекорди дури 53 пати, цената на 28-ми јануари 2026-та година се искачи на историски максимум од 5.589,38 долари за унца. Потоа следуваше остар пад, кој дополнително ги зголеми сомнежите за неговата привлечност како инвестиција.
Суки Купер, глобална раководителка на истражувањата за стоки во „Standard Chartered“, објаснува дека претходниот раст бил поттикнат од комбинација на фактори, меѓу кои силната физичка побарувачка, послабиот долар, пониските приноси на обврзниците и загриженоста за глобалниот долг.
Но, условите се променија. Очекувањата за построга монетарна политика на Федералните резерви, повисоките приноси на државните обврзници и зајакнувањето на доларот го прават златото помалку привлечно, бидејќи тоа не носи редовен приход.
Дополнителен притисок создадоа и геополитичките случувања. Во периоди на неизвесност, златото обично се смета за сигурно засолниште, но во одредени моменти инвеститорите го продаваат за да обезбедат готовина и ликвидност.
Финансискиот советник Еван Милс предупредува дека инвеститорите треба да знаат зошто го купуваат златото. Ако целта е краткорочна заработка, неговото место во портфолиото може да биде спорно. Но, ако се користи како долгорочна заштита од пазарни потреси, привремениот пад не мора да значи дека инвестицијата ја изгубила својата смисла.
Централните банки и понатаму купуваат злато, иако вкупните набавки се за седум отсто помали во споредба со истиот период лани. Најголем месечен обем на купување бил забележан во септември.
Марк Чандлер од „Bannockburn Capital Markets“ смета дека интересот на централните банки може да продолжи. Тој посочува дека не треба да се следат само Кина и земјите што се сметаат за конкуренти на САД, бидејќи Полска исто така била меѓу поголемите купувачи на злато во текот на годината.
Главната порака за инвеститорите е дека златото не треба да се оценува само според краткорочните промени на цената. Неговата улога во портфолиото е поврзана со долгорочната заштита и диверзификацијата, но и со цената по која е купено.