СВЕТ

Инвеститорите масовно продаваат биткоин со загуба

Последниот остар пад на биткоинот принуди голем број инвеститори да ја продаваат криптовалутата со загуба. Во минатото, ваквите масовни распродажби често му претходеле на достигнувањето на најниската пазарна цена.

Реализираните загуби, кои настануваат кога инвеститорите ги продаваат биткоините по цена пониска од онаа по која ги купиле, значително се зголемиле во однос на добивките остварени во текот на изминатата година.

Според извештајот на компанијата за анализа на блокчејн-податоци „Glassnode“, објавен во вторникот, односот меѓу загубите и добивките достигнал нивоа забележани единствено во периодите околу пазарните дна во 2018-та, 2020-та и 2022-ра година, како и на почетокот на 2023-та година. Оттогаш, показателот за првпат повторно се искачува толку високо.

Најголем дел од продажбите доаѓаат од релативно нови инвеститори. Сопствениците на биткоини купени пред помалку од шест месеци продавале со загуба на почетокот на 2026-та година, оствариле добивка за време на растот на цената во септември и октомври, а сега повторно продаваат под куповната цена, наведува „Glassnode“.

Истовремено, од пазарот биле исфрлени и голем број позиции финансирани со позајмени средства. На 13-ти и 14-ти ноември принудното затворање на обложувањата дека цената ќе расте, во однос на вкупниот обем на отворени позиции, било меѓу најголемите од 2023-та година наваму.

На 15-ти ноември биткоинот падна на околу 62.000 долари, по што делумно ги надомести загубите. Во вторникот се тргуваше за приближно 64.970 долари.

Во текот на викендот биле принудно затворени позиции вредни повеќе од две милијарди долари, што го насочило вниманието на трговците кон нивото од 60.000 долари како можна следна ценовна граница.

Распродажбите дополнително се засилиле минатата недела, кога стравувањата од ново зголемување на каматните стапки од страна на американските Федерални резерви го избришале летниот раст на биткоинот.

Повисоките каматни стапки обично негативно влијаат врз ризичните инвестиции, како што се криптовалутите, бидејќи ги поттикнуваат инвеститорите да ги пренасочат парите кон посигурни вложувања, меѓу кои и американските државни обврзници.

Сепак, според „Glassnode“, веќе се појавуваат првите знаци дека купувачите почнуваат да ја поддржуваат цената.

Во двата дена со најинтензивни распродажби, тие купиле околу 66.000 биткоини по цени меѓу 62.000 и 66.000 долари. Со тоа се зголемува интересот за ценовниот опсег во кој инвеститорите веќе акумулирале значителни количества криптовалута околу августовското дно.

На платформите „Binance“ и „Coinbase“, лимитираните налози за купување во рамките на пет проценти од тековната цена веќе ги надминуваат налозите за продажба во сооднос од приближно 2,3 спрема 1, објавува „Decrypt“.

Дополнителен позитивен сигнал дошол од таканаречената „Coinbase премија“, која ја мери разликата меѓу цената на биткоинот на американската платформа и цената на светските пазари. Кога криптовалутата ја достигнала најниската цена, показателот накратко станал позитивен, откако американските купувачи ја зголемиле активноста.

И покрај овие сигнали, „Glassnode“ сè уште не е подготвена да прогласи дека биткоинот го достигнал пазарното дно.

Побарувачката и понатаму е слаба. Понудата на стабилни криптовалути, познати како стејблкоини, се намалила за 4,2% во последните 90 дена, а „Coinbase премијата“ повторно преминала во благо негативна зона.

Во меѓувреме, американските спот-берзански фондови (ETF) кои инвестираат во биткоин во понеделникот забележале осма последователна сесија со нето-одлив на средства. Од почетокот на ноември инвеститорите повлекле од нив околу 2,2 милијарди долари.

Така, опсегот меѓу 62.000 и 66.000 долари станува клучна зона што внимателно ја следат учесниците на пазарот.

Краткорочните инвеститори купиле релативно малку биткоини по цени под 62.000 долари. Непосредно под тоа ниво, во распонот меѓу приближно 59.500 и 62.200 долари, се наоѓа и голем број долги позиции финансирани со ливериџ, односно со позајмени средства.

Според „Glassnode“, доколку биткоинот го заврши дневното тргување под 62.000 долари, тоа може да предизвика брзо поевтинување до јунското дно од 58.500 долари, а потоа и до 53.700 долари.

Последното ниво ја претставува таканаречената реализирана цена на биткоинот, која ја покажува просечната цена по која криптовалутите последен пат ја смениле сопственоста.

Во спротивна насока, закрепнување над 74.100 долари, колку што изнесува просечната куповна цена на краткорочните инвеститори, би било потврда дека се формира пазарно дно, наведува „Glassnode“.

Цените на опциите на платформата „Deribit“ укажуваат на околу 33% веројатност биткоинот да се тргува под 53.700 долари при нивното истекување во септември 2027-ма година.

Следната одлука на американските Федерални резерви за каматните стапки се очекува на 9-ти декември, еден ден пред објавувањето на податоците за инфлацијата во САД за ноември.