Караваните некогаш беа многу популарни во САД, но во текот на децениите беа потиснати од теренските возила (SUV). Сепак, растот на цените на горивата и сè поголемите димензии на SUV-моделите повторно го отвораат прашањето дали Американците би ги вратиле караваните во своите гаражи.
Продажбата на каравани во САД го достигна врвот во 1973-та година, додека во 1964-та година на пазарот имало дури 47 различни модели. Денес останале само девет или десет, во зависност од тоа што се смета за караван, пишува „Motor1“.
Подемот на SUV-моделите започна во текот на 1990-тите, кога купувачите бараа поголеми и попрактични возила. Повисоката позиција на седење зад воланот, полесното влегување и излегување и поголемиот простор беа нивните главни предности.
Сепак, истражувањата на американскиот Институт за осигурителна безбедност на автопатите (IIHS) покажуваат дека зголемувањето на масата на возилата над просекот носи сè помала корист за патниците во нив, а истовремено го зголемува ризикот за другите учесници во сообраќајот. Во меѓувреме, SUV-моделите стануваа сè поголеми, потешки и посложени.
Караванот, пак, може да понуди речиси ист простор, но со помала маса и помала потрошувачка на гориво. На пример, „Mercedes E450 All-Terrain“ располага со 937 литри простор зад задните седишта, додека „GLE450“ нуди 943 литри. Сепак, караванот е полесен за околу 285 килограми.
Цените на горивата дополнително ја менуваат пресметката. По децении во кои горивата беа релативно евтини, Американците сè повеќе обрнуваат внимание на ефикасноста, додека помладите купувачи покажуваат помал ентузијазам за SUV-моделите.
Во „Volvo“ веруваат дека караваните и седаните би можеле повторно да се вратат на сцената. Компанијата најави нови „ниски“ модели за американскиот пазар, додека „Audi“, „BMW“ и „Mercedes“ и натаму развиваат спортски и луксузни каравани.
„BMW M5 Touring“ во еден момент дури се продавал подобро од седанската верзија.
Проблемот е што речиси сите преостанати каравани се скапи. „BMW M5 Touring“ чини околу 125.000 долари, односно повеќе од 100.000 евра, па затоа не претставува замена за достапен семеен караван.
Продажбата на каравани во САД се намалила за околу 20 отсто во периодот од 2017-та до 2025-та година. Сепак, дел од проблемот го создадоа и самите производители: SUV-моделите носат повисоки профитни маржи, може да се продаваат по повисоки цени и со години добиваа огромна маркетиншка поддршка.
Пред една деценија во САД се продавале околу 230.000 каравани годишно, од кои речиси 183.000 биле модели „Subaru Outback“. Минатата година, според процените, биле продадени околу 190.000 каравани, при што „Outback“ учествувал со приближно 160.000 возила.
Можеби Американците никогаш не ги отфрлиле караваните. Можно е само производителите повеќе да не им нудат вистински избор. Еден достапен модел од „Volkswagen“, „Toyota“, „Subaru“ или „Volvo“ би можел да покаже дали навистина постои простор за масовно враќање на караваните.