По неколку години најави, постепени намалувања на цените и бирократски усогласувања, граѓаните на Македонија и на целиот Западен Балкан се на чекор до денот кога при патување во Германија, Грција или која било друга земја-членка на ЕУ, повеќе нема со страв да го вклучуваат мобилниот интернет. Европската комисија и официјално ги отвори индивидуалните преговори со земјите од регионот за нивно формално интегрирање во престижната зона „Роаминг како дома“.
Овој потег доаѓа како логичен следен чекор откако Советот на ЕУ во јуни годинава даде зелено светло за почеток на процесот. Со тоа, политичките ветувања од претходните самити почнаа да се трансформираат во конкретни правни и технички договори кои треба засекогаш да ги укинат високите сметки по враќањето од странство.
Од македонското Министерство за дигитална трансформација потврдуваат дека земјата е целосно посветена на процесот и дека веќе е испратен одговор на нацрт-спогодбата до Брисел.

