МАКЕДОНИЈА

Свадба, крштевка, роденден – секој месец по еден плик, заштедата во минус

Покана за свадба од братучед, крштевка кај пријатели и роденден на дете. Три веселби во еден месец, три плика со пари и една сериозна главоболка за домашниот буџет.

Додека домаќините ги подготвуваат прославите, гостите пресметуваат колку треба да остават, од каде да најдат пари и дали ќе им остане нешто од платата за да го истуркаат месецот.

Во Македонија одамна не е доволно само да се појавиш на веселба. Треба да се даде нешто, да не биде малку, да не се засрамиш пред роднините. А кога поканите ќе се наредат една по друга, веселбите знаат да чинат колку половина плата.

На свадба најчесто се оди со плик, а сумата зависи од блискоста со младенците. За познаници и подалечни роднини се споменуваат 50 до 100 евра по човек, додека за поблиски пријатели паровите неретко издвојуваат 150 или 200 евра.

Кај најблиските роднини и кумовите сумите можат да бидат неколку стотици евра. Станува збор за ориентирни износи, а не за утврден ценовник.

Но, свадбата не е единствениот трошок. Следната сабота може да има крштевка, а по неа и детски роденден. За ваквите прослави нема општо правило колку се дава. Некој носи играчка или облека, друг остава пари, а трети комбинираат подарок и плик.

Како би изгледала сметката за четиричлено семејство со две деца, кое во ист месец треба да присуствува на три веселби?

За свадбата, родителите одвојуваат 150 евра, односно околу 9.200 денари. За крштевката планираат 3.000 денари, а за роденденот уште 2.000 денари. Само за подароците вкупниот трошок изнесува околу 14.200 денари.

А тука не завршува сметката. За гориво или такси до трите прослави може да се потрошат дополнителни 1.500 денари. Ако треба да се купи кошула, фустан или облека за децата, лесно се додаваат уште 3.000 до 5.000 денари.

Така, во овој пример, три прослави можат да го чинат семејството меѓу 18.700 и 20.700 денари. И тоа без посебни трошоци за фризер, шминка или ноќевање.

За домаќинство со две просечни примања ова е сериозна ставка, а за семејство што живее од една плата претставува уште поголем удар.

Особен проблем е непишаното правило дека на свадба треба да се остават барем толку пари колку што чини ресторанската порција. Во Македонија свадбените менија во понудите за 2026 година се движат и меѓу 30 и 50 евра по гостин. Оттука доаѓа пресметката дека брачен пар треба да понесе најмалку 100 евра, а пожелно и повеќе.

Притисокот не е само финансиски. Психолозите посочуваат дека споредувањето со другите гости и стравот од туѓите коментари дополнително го оптоваруваат човекот.

„Луѓето чувствуваат притисок од тоа што ќе речат другите, а не толку од сумата што ја даваат“, објаснува психолог во претходно објавена изјава.

Токму затоа, многумина повеќе се грижат дали ќе изгледаат скржаво отколку дали навистина можат да си го дозволат подарокот.

Економската пресметка, пак, е едноставна. Парите за веселби се дополнителен расход што треба да се вклопи меѓу ратите за кредит, сметките, храната и другите редовни обврски. Финансиското планирање подразбира прво да се обезбедат средствата за неопходните трошоци, а потоа да се одреди колку останува за подароци. Задолжувањето за прослава само го префрла трошокот во наредниот месец, често со дополнителна камата.

Проблемот е уште поголем кога поканата доаѓа ненадејно. Свадбите најчесто се најавуваат однапред, но крштевките, родендените и другите семејни собири можат да се наредат во период кога веќе се потрошени најголем дел од месечните приходи.

Затоа во некои семејства се прави список не само на сметките што треба да се платат, туку и на веселбите што претстојат. Кој се жени, кој крштева, кој слави роденден и колку пари треба да се тргнат настрана.

А кога ќе дојде нова покана, повторно истото прашање низ дома: „Колку ќе ставиме во пликот?“

Б.З.М.