Комерцијална банка АД Скопје за периодот од 01.01. до 30.09.2026 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 4.204,8 милиони денари, наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 4.250,1 милион денари, што претставува намалување за 1,1 %. Планираната бруто-добивка за трите квартали од годинава е остварена со 111,1 %. Намалувањето главно е резултат на помалку реализирани останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот), додека приходите од редовно работење (нето-приходите од камати, провизии и курсни разлики) се зголемени. Дополнително, во извештајниот период пораст забележаа вкупните расходи од работењето и исправката на вредност на нето-основа, што соодветно влијаеше на остварениот финансиски резултат. И покрај тоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 0,9 % повисока во однос на истиот период минатата година.
Како што велат од Банката, позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на натамошна геополитичка неизвесност при што домашниот економски амбиент се одликуваше со продолжување на економскиот раст, променлива инфлација и претпазлива монетарна политика.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 6.588,1 милион денари и бележат зголемување од 2,1 % во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 3,8 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 105,3 %. Приходите по основ на камата бележат зголемување за 4,2 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголемените пласмани во државни хартии од вредност. Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и од нефинансиските друштва како резултат на зголемено кредитирање. Расходите по основ на камата бележат зголемување од 6,9 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,58 % на крајот од третиот квартал од минатата година, на 3,46 % на 30.09.2026 година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2026 година изнесуваат 1.103,1 милион денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 21,9 %, во најголем дел поради зголемените остварени приходи од провизии и надомести, при истовремено намалување на расходите. Во извештајниот период Банката забележа зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 122,6 %.
Нето-приходите од курсни разлики на 30.09.2026 година изнесуваат 332,7 милиони денари и бележат зголемување од 2,7 % во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 121,8 %.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2026 година изнесуваат 471,2 милиони денари и бележат намалување од 35,5 % во однос на истиот период минатата 2 година, во најголем обем поради намален износ на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 63,2 %.
Оперативните расходи за периодот 01.01. – 30.09.2026 година изнесуваат 1.879,3 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 5,2 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемените трошоци за софтверски лиценци, како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 84,1 %.
Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.09.2026 година изнесува 503,9 милиони денари и бележи зголемување од 22,1 % во однос на истиот период минатата година како резултат на влошување на состојбата кај дел од портфолиото на правни лица. Планот е остварен со 110,7 %.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.