Германските стопанственици многу сериозно почнаа да се занимаваат со темата сезонска работа. Новата законска рамка за сезонско, привремено и повремено ангажирање работници, нејзината практична примена и можностите што ги нуди дигиталната платформа беа претставени на тркалезната маса „Сезонската работа – едноставно, брзо, законски и дигитално!“. Овој настан беше организиран од АХК Северна Македонија, која ед дел од мрежата на германските стопански комори во светот во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка.
Бизнис заедницата како и претставници на институциите разменија искуства но и ги потенцираа придобивките од реформата, поедноставените процедури за пријавување работници и бенефитите од користењето на електронскиот систем.
„Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од Реформската агенда, затоа што директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Со Законот воведовме пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите“, истакна Маријан Ристески, заменик-министер за економија и труд.
За компаниите со германски капитал многу е битно да се развива македонскотот стопанство, да се дигитализира и технолошки да напредува, се со цел да го држи нивото кое го бараат Западно европските држави.
„За компаниите е важно законските решенија да бидат не само добро поставени, туку и практични, едноставни и применливи во секојдневното работење. Дигитализацијата може значително да го олесни ангажирањето сезонски работници, особено за компаниите кои во вакви настани сакаме да им помогнеме на компаниите подобро да ги разберат новите можности и да ги применуваат во пракса“, изјави Антје Ванделт, извршна директорка на АХК Северна Македонија.
Практичните искуства беа споделени и од претставници на инспекциските служби, винската индустрија и угостителскиот сектор, со посебен осврт за примената на електронскиот систем во секојдневното работење.
„Новото законско решение носи можност за излегување од сивата економија и поголема сигурност за многу работници во земјава. ГИЗ со гордост ја поддржа оваа реформа, која овозможува фер и безбеден пристап до пазарот на труд за сите, a особено за сезонските и повремените работници. Сметаме дека ова е значаен придонес кон посоцијално праведно и економски одржливо општество“, – изјави Александра Караевска Димовска, Советник во ГИЗ
Во јули 2026 година беа направени дополнителни измени на Законот за работно ангажирање на лица, со кои се овозможува ангажирање до 180 дена во текот на календарската година.
Новите законски измени претставуваат обид да се воспостави пофлексибилен систем за сезонско и повремено ангажирање, но нивниот вистински ефект ќе зависи од примената на терен.
Иако со законското решение се отвора можност за легално ангажирање, остварување приходи и уплата на придонеси, останува предизвикот работниците и работодавачите целосно да се запознаат со новите правила и да ги применуваат. Клучно ќе биде дали измените ќе придонесат за намалување на непријавената работа, поголема сигурност за работниците и поедноставни постапки за работодавачите.
Зошто, целта не треба да биде само сезонските работници да се пријавуваат во системот, туку да се обезбеди нивниот труд да биде соодветно вреднуван, а нивните работнички права доследно почитувани.
И.П