АВТОБИЗ

Кинезите го напаѓаат европскиот луксуз: Новиот „Xpeng“ SUV има 585 КС (ФОТО)

„Xpeng G9L“ му конкурира на „BMW X5“, а почетната цена изнесува 74.600 евра.

Кинескиот производител „Xpeng“ на Саемот за автомобили во Париз го претстави својот нов луксузен SUV „G9L“, наменет и за европскиот пазар.

Моделот ќе биде достапен во целосно електрична верзија, но и како EREV, односно електричен автомобил со продолжувач на автономијата.

Почетната цена во Германија изнесува 74.600 евра, додека на одредени други европски пазари ќе се продава по цена од 74.990 до 75.990 евра.

Тоа го прави значително поевтин од „BMW X5“, чија цена за plug-in хибридната верзија „X5 50e xDrive“ започнува од 102.800 евра.

„Xpeng“ планира да го продава моделот „G9L“ на 64 пазари во светот, меѓу кои и Австралија и Нов Зеланд. Автомобилот ќе се произведува во Кина, но и во фабриката на компанијата „Magna Steyr“ во Австрија.

Електричната верзија има автономија до 553 километри

Верзијата со продолжувач на автономијата комбинира 1,5-литарски турбобензински мотор, кој служи за производство на електрична енергија, со електромотор и батерија со капацитет од 63 kWh.

Вкупната моќност на системот изнесува 585 КС, со 695 Nm вртежен момент, а забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае 5,4 секунди.

Според кинескиот циклус CLTC, оваа верзија може да помине до 435 километри само на електричен погон, додека комбинираната автономија достигнува дури 1.602 километри.

Бензинскиот мотор не ги придвижува директно тркалата, туку произведува електрична енергија за погонскиот систем.

Целосно електричните верзии ќе користат батерии со капацитет од 91,9 или 110 kWh. Најмоќната верзија ќе има два електромотора со вкупна моќност од 585 КС и вртежен момент од 695 Nm, а декларираната автономија според циклусот WLTC изнесува до 553 километри.

Поддржано е брзо DC-полнење со моќност до 540 kW, па батеријата од 10 до 80 отсто од капацитетот се полни за помалку од 12 минути.

Луксузна кабина и напредни системи за помош при возење

„G9L“ нуди системи за асистенција при возење во град и на автопат, помош при промена на сообраќајната лента и навигациски систем за насочување.

Кабината е опремена со кожа „Nappa“, а предните седишта имаат греење, вентилација и масажа во 16 точки.

Вториот ред седишта може да биде изведен со класична клупа или со две одделни седишта, додека седиштата во третиот ред имаат греење.

Меѓу дополнителната опрема се и централниот екран од 17,3 инчи, head-up дисплеј со проширена реалност од 88 инчи, аудиосистем со 26 звучници, фрижидер со зафатнина од 12,5 литри и екран од 21,4 инчи што се спушта од таванот за патниците во вториот ред.