АВТОБИЗ

Кина сака да го создаде автомобилот на иднината

Кинеската асоцијација на автомобилски инженери (China-SAE) состави листа на десетте најважни трендови што ќе ја обликуваат автомобилската индустрија во 2027-ма година. Тие беа претставени на годишната конференција во Сужоу.

Со оглед на тоа што Кина веќе е меѓу светските лидери во производството на електрични, автономни и поврзани автомобили, заклучоците од извештајот би можеле да бидат значајни и за европските производители и добавувачи.

Револуција во складирањето енергија

На врвот на листата е технологија што со нетрпение ја очекува целата автомобилска индустрија. Според „China-SAE“, до 2027-ма година батериите со цврст електролит и енергетска густина од 400 Wh/kg ќе влезат во пилот-производство, а водечките автомобилски брендови ќе започнат со нивно тестирање во возила.

Овие батериски ќелии се конструирани така што складираат повеќе енергија при иста тежина, овозможуваат побрзо полнење и се помалку подложни на запалување.

Сепак, за изградба на синџир на снабдување што ќе овозможи масовно производство ќе бидат потребни уште три до пет години. Во текот на 2026-та година, повеќе кинески производители започнаа со изградба на пилот-линии за производство на батериски ќелии со енергетска густина од 350 Wh/kg.

Чипови и контрола на автомобилот

Се очекува значително забрзување на производството на микроконтролери базирани на отворената архитектура „RISC-V“. „China-SAE“ предвидува дека масовното производство на вакви системи, кои го исполнуваат највисокото ниво на безбедност „ASIL-D“, ќе започне во 2027-ма година.

Тие првенствено ќе се користат за контрола на погонскиот систем, сопирачките и управувањето со возилото. Еден пример е чипот „DF30“ на „Dongfeng“, кој веќе ја добил потребната сертификација.

Отворената архитектура им овозможува на производителите самостојно да развиваат чипови, без потреба од странски лиценци. По американските ограничувања за извоз на чипови, Кина значително ја забрза работата во оваа област. И европските добавувачи, меѓу кои „Infineon“ и „Bosch“, развиваат сопствени „RISC-V“ контролери.

Со ова е поврзан и уште еден тренд – обединување на контролата врз погонскиот систем, сопирачките, управувањето и суспензијата. Системите за помош на возачот и автономното управување бараат овие компоненти да функционираат во многу потесна координација.

Оваа година вакви технолошки решенија беа воведени во модели од повисоката класа на брендовите „SAIC“, „Nio“, „XPeng“ и „Huawei“. Од 2027-ма година се очекува да се појават и во поевтини автомобили, иако првично само кај одредени нивоа на опременост.

Електричниот автомобил како извор на енергија

Кинеските производители сакаат електричните автомобили да можат да испорачуваат електрична енергија во мрежата во периодите на најголема потрошувачка, а да се полнат кога побарувачката е помала.

Овој концепт, познат како „V2G“ (Vehicle-to-Grid), годинава беше тестиран во неколку кинески региони. „China-SAE“ очекува бројот на дополнителни автомобили што ќе можат да испорачуваат електрична енергија во мрежата да надмине 100.000, додека локалните оператори работат на потребната инфраструктура.

Модели со ваква функција веќе развиваат „BYD“, „Geely“ и „Nio“.

Време е за нови материјали во автомобилите

Кинеските производители веќе користат куќишта на моторите изработени од магнезиум како стандардна опрема. Се очекува „FAW“, „Changan“ и „BYD“ уште во 2027-ма година да започнат со вградување задни подови и капаци на багажникот, целосно изработени од магнезиумски легури, во ограничен број автомобили.

Покрај тоа, се очекува поширока употреба на големи алуминиумски компоненти произведени со технологијата „Gigacasting“.

Наместо десетици одделни делови, со оваа технологија се создава една голема компонента. Се очекува ваквите делови да бидат околу 20 отсто полесни, без притоа да ја загубат цврстината и безбедноста. Производствените трошоци би можеле да бидат пониски за повеќе од 15 отсто.

Предизвик и понатаму останува нивното поврзување со челичните и алуминиумските компоненти. Дополнително, намалување на тежината за повеќе од 30 отсто би можело да се постигне со носечки метални делови произведени со печатење, наместо со заварување на голем број помали компоненти.

Електричен мотор во тркалото

Ова решение подразбира електричниот мотор, преносниот систем и сопирачката да бидат сместени во главината на тркалото. На тој начин се ослободуваат околу 20 отсто од просторот во шасијата, а овозможена е и независна контрола на вртежниот момент на секое тркало.

Во 2027-ма година експертите очекуваат напредок во развојот на лесните материјали и системите за запирање.

Сепак, слабост на ова решение останува дополнителната тежина на тркалото, која може да го отежне управувањето и сопирањето. Поради посложеното балансирање и погон, односно чувството дека тркалото го „турка“ возилото, возачот може да има неприродно чувство при возење.

Како вештачката интелигенција ќе ги промени автомобилите?

Сè повеќе задачи поврзани со вештачката интелигенција треба да се извршуваат директно во автомобилот, без потреба од поврзување со облак.

Повеќето модели што моментално се користат во кинеските автомобили поддржуваат едноставни гласовни команди или камери за следење на патниците. За 2027-ма година „China-SAE“ очекува појава на системи што ќе можат истовремено да извршуваат повеќе задачи.

Како резултат на тоа, трошоците за пренос на податоци кон облачните услуги би можеле да се намалат за повеќе од 40 отсто по автомобил.

Се очекува и подобрување на комуникацијата меѓу автомобилите и нивната околина. На пример, возило што се приближува до крстосница би можело да ги комбинира податоците од сопствените сензори со информациите добиени од патната инфраструктура.

Според „China-SAE“, ова би можело да го намали времето на чекање на крстосниците за 12 отсто.

Во текот на 2026-та година, 22 производители ја тестираа оваа технологија во осум кинески градови. За 2027-та година се планира донесување соодветни законски регулативи и претставување на првите модели опремени со ваков систем.

Автономни камиони на патиштата

Кина веќе тестира конвои во кои четири автономни возила се движат едно зад друго, следејќи камион управуван од возач. Возилата меѓусебно разменуваат податоци преку радиокомуникација.

Во 2026-та година вакви конвои во реални услови ги тестираа компаниите „Trunk Tech“ и „Geely Farizon“.

Според „China-SAE“, во транспортен систем со еден водечки камион и четири автономни возила зад него, транспортните трошоци по километар би можеле да се намалат за околу 20 отсто.

Причината е што возилата што го следат водечкиот камион се изложени на помал воздушен отпор, а транспортната компанија има потреба од помал број возачи.

Во 2027-ма година се очекува околу 1.000 вакви камиони да бидат вклучени во тестирањата, главно на пократки релации, како што се пристаништата и рудниците.