АВТОБИЗ

Како „BYD“ го освои светот и ја засени „Tesla“

Кога пред години Илон Маск беше прашан дали кинескиот производител „BYD“ го гледа како сериозен конкурент на „Tesla“, шефот на американската компанија одговори со потсмев: „Ги имате ли видено нивните автомобили?“

Денес, ситуацијата е сосема поинаква. „BYD“ произведува и продава повеќе возила од „Tesla“, а во меѓувреме се претвори и во една од водечките компании во светот за развој и производство на батерии за електрични автомобили.

Компанијата, чие име е кратенка од „Build Your Dreams“, започнала во 1994-та година во Шенжен со само 20 вработени. Нејзиниот основач, Ванг Чуанфу, потекнува од сиромашно селско семејство во Кина и првично се занимавал со развој на батерии.

„BYD“ прво произведувала батерии за мобилни телефони, а клучен момент биле договорите со гигантите „Nokia“ и „Motorola“. Подоцна компанијата станала и снабдувач на „Apple“.

Но, Ванг Чуанфу рано сфатил дека батериите ќе бидат еден од најважните делови на автомобилите на иднината. Во 2003-та година „BYD“ влегла во автомобилската индустрија, а пет години подоцна го претставила „F3DM“ – еден од првите сериски произведувани plug-in хибриди во светот.

Голем поттик за компанијата било и вложувањето на американскиот милијардер Ворен Бафет, чија компанија „Berkshire Hathaway“ во 2008-ма година купила околу 10 отсто од „BYD“ за 230 милиони долари.

Клучната предност на „BYD“, сепак, останала развојот на сопствената технологија. Компанијата инвестира огромни средства во истражување и развој и денес има повеќе од 120.000 инженери и истражувачи.

Особено важен чекор бил развојот на „LFP“-батериите и технологијата „Blade“. „BYD“ успеала да ја подобри енергетската густина, безбедноста и цената на овие батерии, што ѝ овозможило брзо да го зголеми производството на електрични и plug-in хибридни автомобили.

Во 2020-та година „BYD“ продала околу 131.000 целосно електрични автомобили. Во 2025-та година бројката надминала 2,26 милиони, со што компанијата ги надминала продажбите на „Tesla“ во сегментот на електрични автомобили.

За разлика од „Tesla“, „BYD“ не се потпира само на целосно електрични возила. Голем дел од нејзиниот успех го носат plug-in хибридите, кои комбинираат електричен погон со мотор со внатрешно согорување и не зависат целосно од развиената мрежа на полначи.

Компанијата сега го засилува и присуството во Европа. „BYD“ веќе влезе на речиси сите големи европски пазари, а во 2026-та година започна со продажба и во Македонија. Нејзиниот удел на европскиот пазар продолжува да расте, а компанијата најавува и големи инвестиции во сопствена мрежа на брзи полначи.

„BYD“ во меѓувреме продолжува да развива нови батерии и електрични платформи. Компанијата ја претстави и втората генерација на „Blade“, која според нејзините податоци овозможува многу побрзо полнење и поголем досег.

Покрај автомобилите, „BYD“ произведува батерии, електрични камиони, полупроводници, соларна опрема и други технологии. Во групацијата денес работат стотици илјади луѓе.

Од мала компанија со дваесетина вработени, „BYD“ за нешто повеќе од три децении прерасна во глобален автомобилски и технолошки гигант. Нејзиниот пример покажува колку брзо автомобилската индустрија се менува и зошто компанијата што некогаш предизвикуваше смеа кај Илон Маск денес се смета за еден од најсериозните ривали на „Tesla“.