Новогодишните аранжмани веќе се во продажба, а за дочекот на 2027 година се нудат патувања од стотина до над 600 евра по лице. Најевтините понуди се за соседството и регионот, додека европските метрополи бараат поголем буџет, особено ако се патува со авион.
Уште не завршил ноември, а Македонците веќе можат да избираат каде ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата 2027 година.
Белград, Солун, Будва, Сараево, Истанбул, Виена, Прага и Париз се само дел од дестинациите што се најдоа во понудите на домашните туристички агенции. Цените почнуваат од околу 100 евра по лице, но за подалечните дестинации достигнуваат и над 600 евра. За четиричлено семејство, неколкудневното патување лесно може да прерасне во трошок од неколку илјади евра.
Според објавените аранжмани, регионалните дестинации имаат најширока понуда во понискиот ценовен сегмент. За Будва може да се најде пакет со две ноќевања од 109 евра, додека трите ноќевања се нудат по промотивни цени од 129 евра. Сараево, во комбинација со Мостар, се нуди од 125 евра, а Белград со две ноќевања и појадок од 159 евра.
Белград останува една од стандардните новогодишни понуди. Организиран автобуски превоз, хотелско сместување и разгледување на градот се дел од пакетите, но прославата во ресторан или кафеана најчесто се плаќа дополнително. Во една од програмите јасно е наведено дека дочекот е индивидуален, на плоштад или во угостителски објект, а не е организиран ниту превоз од хотелот до центарот.
Солун е друга можност за оние што не сакаат долго патување. Една од понудите изнесува 135 евра со автобуски превоз и две ноќевања со појадок во Паралија, додека друг аранжман за Солун чини 169 евра. Тоа значи дека патниците треба внимателно да проверат каде точно ќе бидат сместени, а не само во кој град ќе ја дочекаат Новата година.
Истанбул, пак, се нуди за 149 евра со две ноќевања, односно за околу 169 евра со три ноќевања. За патување со авион, со четири ноќевања, има понуди од 459 евра. Разликата е значителна, но значителна е и во времето поминато во автобус, кое кај подолгите патувања може да одземе добар дел од одморот.
За граѓаните што сакаат да ја дочекаат 2027 година во некоја европска метропола, изборот е поголем, но и сметката е повисока. За Виена се објавени понуди од 199 евра, за Прага од околу 249 евра, а за Милано од 239 евра. Авионските аранжмани се поскапи. Барселона се нуди за 499 евра, Рим за 599 евра, а Париз за 649 евра по лице.
Од една туристичка платформа, која организира и продава новогодишни патувања, наведуваат:
„Виена беше најбараната новогодишна дестинација на нашиот сајт минатата сезона“.
Кај цените има уште една важна работа. Почетната сума не е секогаш конечната. Туристичките такси, дополнителниот багаж, излетите, влезниците и свечените вечери често се плаќаат посебно.
На пример, за Париз, покрај основните 649 евра, туристичката такса изнесува 5,20 евра по лице за ноќ. Дополнително се плаќаат поголем багаж, одредени туристички посети и други услуги.
Од економски аспект, ваквите трошоци се важни при споредувањето на аранжманите. Пакет од 150 евра, со неколку доплати, може да излезе значително поскап од првично планираното. За двајца патници, само основните аранжмани од 159 евра значат 318 евра, без пари за храна, пијалаци и новогодишната вечер.
Во туристичките понуди веќе се истакнуваат промотивни цени за рани резервации, а кај дел од програмите се бара авансно плаќање. Дали Македонците годинава повеќе ќе се решат за Белград и Будва или ќе потрошат повеќе за европските метрополи, ќе покажат реализираните резервации.
Засега, избор има за различни џебови. Само што цената на автобускиот билет и хотелот е едно, а парите што ќе се потрошат до враќањето дома се сосема друга сметка.
Б.З.М.