СВЕТ

Италија ќе земе дополнителни 11 милијарди евра од банките во следните три години

Италија планира да собере дополнителни 10,7 милијарди евра од финансискиот сектор за да го финансира државниот буџет во периодот од 2027-ма до 2029-та година. Ова го покажува владин документ објавен во четвртокот, на кој се повикува „Bloomberg“.

Станува збор за периодичен придонес, а не за еднократна мерка. Тој ќе изнесува 0,21 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) во 2027 година, 0,13 отсто во 2028-ма година и 0,1 отсто во 2029-та година, се наведува во нацрт-планот за буџетот доставен до институциите на Европската Унија.

Засега не се објавени детали за начинот на кој ќе се соберат средствата. Според документот, придонесот за следната година ќе изнесува нешто повеќе од пет милијарди евра.

Министерот за економија Џанкарло Џорџети го оправда повисокото даночно оптоварување со аргументот дека финансискиот сектор работи во услови на ограничена конкуренција. Тој посочи и дека секторот имал корист од зголемувањето на основните каматни стапки на Европската централна банка, како и од државните гаранции за заемите што претходните влади ги одобрија за време на пандемијата на Ковид-19.

Новите средства се додаваат на 12 милијарди евра што владата веќе најави дека ќе ги собере од банките и осигурителните компании до 2028-ма година. Тоа треба да се постигне преку пакет мерки од овогодинешниот буџет, меѓу кои е и повисоката стапка на корпоративниот данок „IRAP“.

Во нацрт-планот се наведува дека Италија планира дел од потребите за финансирање да ги покрие и со средства од секторот за коцкање. До 2029-та година од него би требало да собере 0,08 отсто од БДП, односно приближно две милијарди евра.

Во документот нема споменување на слични придонеси од енергетските компании, иако владата за таква можност зборуваше во претходните недели. Сепак, планот предвидува неодредени даночни зголемувања во висина од 0,44 отсто од БДП за периодот од 2027-ма до 2029-та година.

Големи компании, меѓу кои и државната „Eni“, објавија ограничувања на цените со цел да ѝ помогнат на премиерката Џорџа Мелони да ги задржи цените на горивата под контрола. Овој потег во голема мера се толкува како обид да се спречи владата да воведе некаква форма на данок на вонредните профити.

Документот покажува и дека Италија планира даночни олеснувања и зголемување на јавните расходи во вредност од 0,98 отсто од БДП, односно 23,5 милијарди евра, во буџетот за следната година. Тоа ќе биде последниот буџет под водство на премиерката Џорџа Мелони пред националните избори закажани за есента 2027-ма година.

Италија очекува буџетскиот дефицит следната година да се зголеми на 3,4 отсто од БДП, од очекуваните 2,9 отсто во 2026-та година. Во 2028-ма година се предвидува благо намалување на 3,2 отсто од БДП.