РКЕ ја пресметува новата цена на електричната енергија распределена во блоковите и евтината тарифа. Оптимизмот дека ќе поевтини струјата особено со проширувањето на часовната рамка на евтината тарифа најавена пред неколку месеци од РКЕ веќе го нема. Берзите на електрична енергија притискаат, па дневните просеци се движат веќе над 360 евра за еден MWh кои поединечно часовно надминуваат и 450 е/1MWh.
Според информациите кои ги пласираа Групата на Инженери на Македонија, ЕСМ ќе ја продава електричната енергија по иста цена на универзалниот ЕВН Хоум од 65 евра за 1MWh. МЕМО е незначителен со учество од 0.198% во цената за домаќинствата и не бара зголемување на цената. МЕМО отпочна со берзански негативни вредности со што им овозможи на фотоволтаичните капацитети во летниот период да извезуваат струја надвор од границите на Македонија. МЕПСО побара зголемување од 98% во делот за пренос на електричната енергија но РКЕ согласно изјавите на претседателот тоа барање нема да го прифати.
„Навидум лесна работа за РКЕ, но боли глава кога е во прашање дистрибутивната мрежа, ЕВН е главоболката. Се бара модел како дистрибутерот на електрична енергија да биде задоволен со профитот во 2027 година. Манипулацијата е во мрежарината ( надомест за пристапот до електродистрибутивната мрежа кој сега е 200 денари = 3.25 евра ). 730 000 броила од домаќинствата х 3.25 евра месечно х 12 месеци = 28 470 000 евра за ЕВН годишно“, велат Инженерите.
Во 2023 година кога се воведе мрежарината, односно надоместокот за пристап до електродистрибутивната мрежа, РКЕ објасни дека овој надоместок нема да ја зголеми драстично цената во блоковите, при што пристапот до дистрибутивната мрежа е такса за богатите или за оние кои имаат повеќе од еден стан или куќа. Сега според претседателот на Регулаторна, овој надоместок ќе се намали за 50% од 200 на 100 денари. Но информациите велат дека ќе се зголемува согласно зголемувањето на потрошена електрична енергија.
„Ова значи дека пак ќе платат сиромашните, а не оние со повеќе станови во кои не се живее бидејќи ќе нема потрошувачка на електрична енергија на месечно ниво. Ова значи 30 милиони евра ќе се распределат само на домаќинствата кои трошат струја. Празните станови на богатите ќе добијат поефтинување на таксата за мрежарина од 200 на 100 денари. Зголемувањето РКЕ најави дека ќе биде од 2 до 3 % но и мрежарината ќе се плаќа во зависност од потрошувачката, цената ќе биде повисока за близу двоцифрен процент за сите кои ќе бидат од вториот блок нагоре“, додаваат експертите.
Дополнителен проблем според експертите за РКЕ е тоа што не е донесен во законски рок тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај. Сега дури и кратки се роковите за менување на тарифниците кои се однесуваат на мрежарината. Инженерите имаат сомнеж дека РКЕ ќе ги исполни согласно со деловникот и законските нормативи. Инженерите обвинуваат дека РКЕ се независни, за нив не важат законите и уставот.
Политичката конотација како новогодишна честитка се движеше од поевтинување на струјата преку проширување на времето за евтина тарифа до минимално поскапување затоа што во Македонија е струјата најевтина во Европа. Ќе го искористиме џокерот предвремени избори ама од 1 јули се ќе платиме со камата. Остана нејасен само ставот на членот на РКЕ кој беше политички бунтовник против мрежарината ама тоа беше партиска функција, сега е професионалец, велат од Групата на Инженери на Македонија.
Јавните институции осбоено водоснабдителните претпријатија тешко ќе ја преживеат зимата бидејќи целокупниот приход ќе им оди за струја. Кога дома ќе ви дојде сметка за вода вие всушност плаќате струја, а не вода, додаваат тие.
Податоците на Инженерите велат дека вкупниот долг на јавните институции кон снабдувачите со електрична енергија е над 60 000 000 евра.
И.П