АВТОБИЗ

„Honda Accord“ добива радикално нов изглед

Актуелната, 11-та генерација на „Honda Accord“ не е толку стара. На пазарот пристигна во моделската 2023-та година, со целосно нов дизајн и два ефикасни погонски системи, меѓу кои и хибриден.

Сепак, на популарниот модел сега му претстои освежување во средината на неговиот животен циклус, кое ќе донесе радикални промени.

Според најавите, „Honda“ се подготвува значително да го редизајнира својот популарен седан уште следната година. Автомобилот треба да добие „модерен и футуристички дизајн“, за кој се тврди дека ќе биде инспириран од концептните модели на „Honda“ од клинестата серија „0 Series“.

Радикални промени во дизајнот

Јапонскиот производител веќе навести дел од новините во изгледот со прототипот што го претстави претходно оваа година. Тој потсетува на современа интерпретација на моделот „Accord Crosstour“, кој се произведуваше во краток период, а изгледот значително се разликува од актуелниот автомобил.

Рендерите објавени во некои медиуми прикажуваат „Accord“ со потенки предни светла, целосно изменет преден дел и подигната каросерија, со што моделот би се издвоил од класичниот седан. Задниот дел го краси светлосна лента што се протега по целата ширина на автомобилот, во стилот на поновите модели на „Honda“.

Ентериер целосно насочен кон возачот

Кога станува збор за внатрешноста, се претпоставува дека освежениот „Accord“ ќе добие голем инфозабавен екран на контролната табла, како и кабина организирана околу возачот, слично на решението кај актуелниот модел.

Тоа би требало да значи дека новиот автомобил на „Honda“ ќе ги задржи физичките копчиња и контролите за аудиосистемот.

Според гласините, „Honda“ планира да лансира и подигната хечбек-изведба на седанот од средната класа, но со задржување на истата платформа. Промената на архитектурата на „Accord“ е предвидена за следната генерација, која не се очекува пред 2030-та година.

Нов хибриден систем

„Honda“ ќе започне со воведување на новиот хибриден систем во 2027-ма година. Станува збор за унапредена верзија на актуелниот погонски систем. Тоа значи дека освежениот „Accord“ ќе ги користи постојните четирицилиндрични мотори на „Honda“ со зафатнина од 1,5 и 2,0 литри, кои и сега го придвижуваат седанот.

Автомобилскиот производител развива и нова генерација четирицилиндрични мотори, кои треба да ги заменат сегашните агрегати. Се очекува унапредените мотори да дебитираат токму во подигнатата изведба на „Accord“.

Кај новите погонски компоненти, „Honda“ се фокусира на подобрување на ефикасноста.