Горан Марковиќ како амбициозен млад човек заминал од Црна Гора и работел на високи менаџерски позиции во Унгарија, Бугарија, Данска и Полска, а дваесет години подоцна доаѓа во Македонија каде што ја извршува функцијата Главен извршен директор на Македонски Телеком. Денес, на прагот на уште едно големо скалило во неговата кариера, во подкастот „Бизнис класа“ тој зборува за плановите и лидерството, развојот на мрежата и вештачката интелигенција, како и за она што ќе го понесе со себе на новата позиција во Бон, која ја презема од следната година.
„Скопје во моментов е еден од најпокриените градови со оптичка мрежа во Европа, со покриеност од 92-3% од целата територија, што е реткост дури и за некои од најголемите градови на континентот. Дополнително, македонскиот пазар беше еден од првите три пазари во рамки на Дојче Телеком кој ја доби иновативната 5G+ мрежа. И тоа се придобивките од еден голем систем како Дојче Телеком – тоа што дури и малите компании кои се дел од големите Групации можат, доколку навистина имаат волја и квалитетен кадар кој тоа може да го спроведе, да добијат пристап до иновации пред големите компании од поголеми земји“, изјави Горан Марковиќ.

