Акционери поднесоа тужба против „Intel“, обвинувајќи го американскиот производител на чипови дека ги измамил прикривајќи ги последиците од продолжениот пад на продажбата на персонални компјутери, што доведе до пад на цената на неговите акции за речиси 29% само за еден ден.
Во колективната тужба, поднесена во петокот пред федералниот суд во Сан Хозе, Калифорнија, акционерите, предводени од пензиски фонд од Мичиген, наведуваат дека „Intel“ предоцна објавила информации за тоа како забавувањето на продажбата на персонални компјутери и вишокот залихи ќе се одразат врз приходите на компанијата.
Акционерите тврдат дека проблемите на „Intel“ со продажбата на персонални компјутери и прекумерните залихи ги надминале придобивките од изградбата на центри за податоци и другите можности поврзани со бумот на вештачката интелигенција.
Тие, исто така, тврдат дека „Intel“ имала мотив и можност да изврши измама, бидејќи собрала капитал во средината на август – во средината на своето „катастрофално“ трето тримесечје, кога продала акции во вредност од 23 милијарди долари по цена од 95 долари за акција.
Продажбата се случила во период кога „Intel“ се обидува да го прошири бизнисот со договорно производство на чипови, што е клучен дел од деловната стратегија на извршниот директор Лип-Бу Тан. Акциите на „Intel“ во петокот ја завршија трговската сесија по цена од 59,66 долари.
Од „Intel“ не одговориле веднаш на барањата за коментар во неделата.
Акциите на „Intel“ паднаа за 28,6% на 30-ти октомври, со што пазарната вредност на компанијата се намали за околу 140 милијарди долари. Тоа се случи еден ден откако компанијата со седиште во Санта Клара, Калифорнија, прогнозираше приходи и добивка за четвртото тримесечје под очекувањата и најави продолжено забавување на продажбата на персонални компјутери.
Тан пред аналитичарите изјави дека е разочаран поради недостигот на производствени капацитети, „невидениот недостиг на мемориски чипови“ и забавувањето на продажбата на персонални компјутери што произлегува од тоа.
„Мора итно да се справиме со овие предизвици“, додаде Тан.
Како и многу други големи технолошки компании, „Intel“ вложи значителни средства во производството, но прекините во синџирите на снабдување ѝ го отежнуваат искористувањето на зголемената побарувачка за чипови наменети за центрите за податоци.
Во меѓувреме, растот на цените на мемориските чипови ги поскапе персоналните компјутери, што дополнително ја оптоварува побарувачката.
Тужбата поднесена во петокот, зад која стои Пензискиот систем на пожарникарите и полицајците на градот Саутфилд, има цел да обезбеди отштета за акционерите на „Intel“, чиј износ сè уште не е прецизиран. Тужбата се однесува на периодот од 23-ти јули 2026-та до 29-ти октомври 2026-та година. Меѓу обвинетите се и Тан и главниот финансиски директор Дејвид Зинснер.
Акциите на „Intel“ пораснале за 62% од почетокот на годината до петокот, иако нивната цена останува под неодамнешниот максимум од 142,35 долари, достигнат на 30-ти јуни.