КОМПАНИИ

ЕУ му се заканува на Тему со висока казна за продажба на небезбедни производи

Прелиминарните резултати од истрагата на Европската комисија покажуваат дека онлајн трговецот на мало Тему не презема доволно мерки против продажбата на нелегални производи на својата платформа.

Еврокомесарот Хена Виркунен предупреди дека „купувањето онлајн не треба да значи преземање на ризикот од купување нелегални и небезбедни производи“. Компанијата се соочува со казна бидејќи, според Комисијата, не проверува доволно дали понудената стока ги исполнува безбедносните барања на ЕУ, објавува Ханделсблат.

Продавачите се должни да достават извештаи од тестови само за мал број производи, а дури и во овие случаи Тему често не ја проверува документацијата. Европската комисија, исто така, го критикува фактот дека бројот на инспекции не се зголемил и покрај зголемената понуда.

Резултатите од случајните проверки честопати не се следат, а производи како што се козметика, играчки и електроника, кои се означени како високоризични, не добиваат приоритет за физички проверки.

Тему сега има можност да предложи мерки за корекција на овие недостатоци. Доколку компанијата не успее соодветно да го реши проблемот и доколку се потврдат прелиминарните наоди на Европската комисија, регулаторот може да изрече казна до шест проценти од нејзиниот глобален годишен промет. Постапката се заснова на Законот за дигитални услуги (DSA), кој бара спроведување мерки за ублажување на ризикот.

Европската комисија ја казни Тема со 200 милиони евра во мај за несоодветна проценка на ризикот. Онлајн гигантот потоа поднесе предлози за измени во октомври, кои Комисијата ги прифати. Тему, на пример, планира да испита дали нејзините алгоритми за препораки помагаат во ширењето на нелегални производи во иднина.