Францускиот производител на возови „Alstom“ ги намали прогнозите за целата година и најави голема реорганизација, откако доцнењата на клучни проекти во Германија доведоа до казни и негативно се одразија врз профитните маржи.
Компанијата сега очекува маржа на приспособената добивка пред камати и даноци (EBIT) од околу 1% за финансиската година, што е значително помалку од претходно проектираните 6,5%, соопшти во понеделникот. Претходната прогноза за позитивен слободен паричен тек е заменета со очекување дека компанијата ќе потроши 1,5 милијарди евра.
„Alstom“ ја намали и целта за производство на вагони – од првично планираните 4.500 на околу 4.000 единици.
Последното предупредување е поврзано со нарачките за „Coradia Max“ – серија проекти за регионални возови што ги нарачале германските покраини Баден-Виртемберг и Долна Саксонија. Овие проекти требаше да бидат главниот двигател на зголемувањето на производството на компанијата во текот на оваа година.
Доцнењата на еден од проектите за „Coradia Max“, предизвикани од проблеми во завршните фази на развојот, имале „домино-ефект“ врз другите проекти во Германија. Тоа довело до казни што негативно се одразиле врз профитните маржи, изјави финансискиот директор Бернар Делпит во разговор со аналитичарите.
Акциите на „Alstom“ поевтинија за 18% на берзата „Tradegate“, во споредба со последната цена на затворање на берзата во Париз во петокот.
Бруто-добивката од проектот „Coradia“ веќе е негативна, посочи Делпит.
Проблемот бил откриен откако извршниот директор Мартин Сион, кој ја презеде функцијата во април, испратил тимови да ги преземат проектите што се соочувале со тешкотии. Сион утврдил дека не станува збор само за инженерски проблеми, туку и дека организацијата задолжена за управување со проектите не е ниту ефикасна ниту ефективна, објасни финансискиот директор.
„Alstom“ сега спроведува поширока анализа на својата организациска структура, со цел да го подобри спроведувањето на проектите и одговорноста, да ги намали трошоците и да ги поедностави процесите.
Компанијата ќе спроведе и нов план за намалување на долгот за околу две милијарди евра, кој ќе опфати и дополнителна продажба на имот и деловни средства.
„Ги идентификувавме средствата и го започнуваме процесот“, изјави Делпит, одговарајќи на прашање за можните идни продажби на дел од имотот на групацијата. Тој не сакаше да открие повеќе детали, оценувајќи дека сè уште е рано за тоа.
Компанијата веќе ги шокираше пазарите во април, кога ги повлече финансиските прогнози поради бавниот напредок на повеќе проекти. Тоа предизвика остар пад на цената на нејзините акции.
Групацијата се обидува да ја стабилизира финансиската состојба по проблематичното преземање на железничкиот бизнис на „Bombardier“ за 5,5 милијарди долари во 2021-ва година. Акциите на „Alstom“ од почетокот на годинава поевтиниле за 37%.
Поранешниот извршен директор на групацијата, Анри Пупар-Лафарж, претходно заврши план за намалување на долгот вреден две милијарди евра.