СВЕТ

„Goldman Sachs“: По Франција, дали е редот на Италија?

По потресите на францускиот пазар на државни обврзници, инвеститорите сè повеќе го насочуваат вниманието кон Италија. „Goldman Sachs“ предупредува на ризици поврзани со италијанскиот долг, во услови на растечки буџетски дефицит на Рим, објавува „CNBC“.

Потресите поврзани со францускиот долг во изминатите недели го ставија во фокусот фискалниот притисок во Европа. Инвеститорите сега сè повеќе се насочуваат кон Италија поради спорните нови планови на владата за трошење, забележува медиумот.

Италијанската влада ќе претстави буџет што ги вклучува неодамна одобрените дополнителни средства за одбраната и енергетиката. Според аналитичарите на „Goldman Sachs“, овие расходи ќе го зголемат буџетскиот дефицит на земјата во следните две години и ќе придонесат односот меѓу јавниот долг и бруто-домашниот производ (БДП) на Италија да стане највисок во Европа.

Филипо Тадеи, главен економист за Европа во „Goldman Sachs“, оценува дека промените би можеле дополнително да го зголемат притисокот врз италијанските државни обврзници пред парламентарните избори следната година.

На 2-ри октомври, десноцентристичката влада на италијанската премиерка Џорџа Мелони одобри дополнително задолжување во вредност од 28 милијарди евра за следните две години, наменето за расходи во секторите на одбраната и енергетиката. Иако плановите за трошење се ревидирани надолу, целното ниво на буџетскиот дефицит на Италија за 2027-ма година е зголемено на 3,4 проценти од БДП, а за 2028-ма година на 3,2 проценти.

Овие вредности се повисоки од прогнозите објавени во април, кога се очекуваше дефицитот да изнесува 2,8 проценти во 2027-ма година и 2,5 проценти во 2028-ма година. Новите цели ги надминуваат и очекувањата на „Goldman Sachs“.

Дополнителните средства се распределени подеднакво меѓу одбраната и енергетиката. Секој од овие сектори ќе добива средства во износ од околу 0,3 проценти од БДП годишно во 2027-ма и 2028-ма година. Мерките се воведуваат во услови на сè поголема загриженост кај инвеститорите поради неконтролираното задолжување на државите низ Европа.

Проблеми со француските обврзници

Во изминатите денови, приносите на француските државни обврзници достигнаа највисоки нивоа во последните неколку години. Причина за тоа е продлабочувањето на должничката криза во земјата, што ги засилува стравувањата за состојбата на јавните финансии во Европа.

Приносот на референтните десетгодишни француски државни обврзници во петокот се намали за три базични поени, на 4,85 проценти, во услови на пад на цените на нафтата. Приносот на десетгодишните италијански државни обврзници, познати како „BTP“, се намали за пет базични поени, на 4,55 проценти.

Разликата меѓу приносот на десетгодишните германски државни обврзници (Bunds), кои служат како референтна мерка за долгот во еврозоната, и приносот на италијанските обврзници изнесува околу 108 базични поени.

Тадеи оценува дека премијата за фискален ризик на Италија би можела да порасне пред следните парламентарни избори, кои треба да се одржат најдоцна до 22-ри декември 2027-ма година, поради зголемувањето на буџетскиот дефицит.

Според него, неизвесниот изборен исход би можел да остави малку простор за зацврстување на буџетската дисциплина. Партиите и од десницата и од левицата би можеле да бараат поддршка од политички партнери преку ветувања за зголемување на јавните расходи, со цел да формираат функционални коалиции.

„Полабавата фискална политика, построгите финансиски услови и неизвесната предизборна трка ќе ги влошат изгледите за јавниот долг по четири години фискална консолидација“, наведува Тадеи објавената анализа.

„Значително поголемо отстапување од очекувањата“

Во четвртокот, италијанските пратеници гласаа за реформа на изборниот систем, со која земјата би преминала од хибриден модел кон систем со поизразен пропорционален елемент.

Десноцентристичката коалиција на Мелони тврди дека промената ќе придонесе за постабилни влади и ќе спречи хаотични политички преговори при формирањето влада по изборите.

Опозициските партии од левицата, пак, сметаат дека реформата има цел да ѝ помогне на Мелони да остане на власт.

Владата на Мелони доби признание за намалувањето на буџетскиот дефицит, кој во 2025-та година изнесуваше 3,1 процент од БДП. Пазарите на државни обврзници позитивно реагираа на поголемата политичка стабилност во земјата, а Мелони неодамна стана италијанскиот премиер со најдолг непрекинат мандат по Втората светска војна.

Зголемувањето на расходите е во согласност со клаузулата за отстапување од фискалните правила на Европската Унија, која им овозможува на земјите членки привремена буџетска флексибилност за инвестиции во одбраната и енергетиката. Целта е да се одговори на потресите предизвикани од руската војна во Украина и конфликтот на Блискиот Исток.

Сепак, Тадеи посочува дека новите цели за дефицитот претставуваат „значително поголемо отстапување од очекувањата“.

„Сметаме дека повисоките буџетски дефицити, заедно со растечките приноси на обврзниците, најверојатно ќе го насочат односот меѓу јавниот долг и БДП во нагорна линија до 2028-ма година, по што би се стабилизирал на околу 137 проценти. Тоа би било највисокото ниво во Европа во тој момент“, наведува аналитичарот.

„Повисоките приноси се клучен предизвик во сегашните услови. Според нашите анализи, ако приносот на десетгодишните обврзници трајно надмине четири проценти, тоа веројатно дополнително ќе го зголеми односот на италијанскиот долг кон БДП“, додава тој.

„Тешки буџетски одлуки“

Константин Вајт, портфолио-менаџер во „PIMCO“, оценува дека неодамнешниот бран продажби на државни обврзници повторно го насочил вниманието на инвеститорите кон земјите со релативно послаби економски показатели.

Вајт забележува дека француските државни обврзници во голема мера ги поседуваат странски инвеститори, што ги прави поранливи на негативни вести. Италијанскиот јавен долг, напротив, главно е во рацете на домашни инвеститори, што обично дејствува како „стабилизирачки фактор“.

„Иако Италија има повисок јавен долг, таа се одликува со посилен примарен буџетски биланс, релативно поволна траекторија, политичка стабилност и искуство во преземањето на неопходните корективни мерки“, вели Вајт.

Во споредба со Франција, Италија во моментов генерално изгледа дека е во „релативно подобра позиција“, додава тој, благодарение на „посилните економски основи, појасната политичка конфигурација и докажаната способност за носење тешки буџетски одлуки“.

Сепак, инвеститорите веќе ги разгледуваат можностите за заработка од италијанскиот долг, но и ризиците што ги носи тој.

Рејнот де Бок, раководител на одделот за стратегии за европски државни хартии од вредност во „UBS Investment Bank“, неодамна откри дека зазел кратка позиција во италијанските државни обврзници. Со тоа се обложува дека италијанскиот долг би можел да стане следната слаба алка на европскиот пазар на државни обврзници.

„Мислам дека Италија можеби ќе ги стигне другите земји и дека инвеститорите ќе почнат повеќе да се грижат за неа поради повисоките приноси, и покрај многубројните реформи што беа спроведени таму“, изјави тој за „CNBC“.