„Франција е на работ на финансиска криза. Мораме да испратиме сигнал до пазарите“, изјави за „Politico“ поранешниот премиер Мишел Барние.
На крајот од минатата недела властите успеаја да спречат немири и грабежи какви што ја одбележаа првата серија демонстрации на 17-ти и 18-ти октомври, но финансиските пазари и натаму се сериозно вознемирени.
Распродажба на францускиот долг
Уште пред почетокот на протестите, инвеститорите почнаа да ги продаваат француските државни хартии од вредност или да бараат историски високи приноси. Причината е неспособноста на владата значително да го намали упорно високиот буџетски дефицит, да го ограничи државниот долг од 3,5 трилони евра, да го поттикне економскиот раст и да го реформира неодржливиот пензиски систем.
Можноста следната пролет да има втор круг на претседателските избори во кој ќе се соочат фаворитката на крајната десница Марин Ле Пен и нејзиниот ривал од крајната левица, Жан-Лик Меланшон, дополнително ги плаши инвеститорите. Според повеќето анкети, Меланшон има шанси да го освои второто место. И двајцата кандидати планираат да потрошат милијарди евра за намалување на старосната граница за пензионирање.
Според првичните процени, досегашните немири предизвикале штета од десетици милиони евра, од кои голем дел ќе бидат покриени од осигурителните компании. Сепак, хаосот дополнително ја разгорува и онака експлозивната ситуација и испраќа загрижувачки сигнали до инвеститорите, особено ако граѓанските немири продолжат.
Протестите на „жолтите елеци“ во периодот од 2018-та до 2020-та година, што се случија на почетокот од мандатот на претседателот Емануел Макрон, ја чинеле француската економија 0,1 отсто од бруто-домашниот производ, додека трговските објекти пријавиле загуби од две милијарди евра.
„Јасно е дека протестите влијаат врз пазарите“, изјави за „Politico“ Ерик Ломбар, кој минатата година беше министер за економија и финансии.
Предлог-буџетот за 2027-ма година, што го подготви актуелниот премиер Себастијан Лекорни, веќе предвидува заштеди од 43 милијарди евра, оставајќи многу малку простор за дополнителни кратења. Владата затоа се соочува со речиси невозможен избор: или да се задолжи дополнително, префрлајќи му на следното поколение товар од милијарди евра во каматни плаќања, или да се надева дека протестите сами ќе стивнат.
„Мораме да покажеме дека го слушнавме незадоволството на јавноста, но со оглед на состојбата на пазарите, нашиот простор за маневрирање е многу ограничен“, изјави анонимен член на владата.
Играње со оган
Марио Монти, кој како премиер на Италија се соочи со слична ситуација и успеа да спречи финансиска криза во 2011-та година преку кратење на трошоците и реформа на пензискиот систем, изјави за медиумот дека „работите можат да се развијат многу брзо“.
Тогаш разликата во приносите меѓу италијанските и германските десетгодишни државни обврзници – показател за ризикот поврзан со долгот на една земја во споредба со долгот на историски стабилната Германија – за само неколку месеци скокна од околу 150 базични поени на повеќе од 500, потсети Монти.
На крајот од тргувањето во петокот, разликата меѓу францускиот и германскиот државен долг изнесувала 169 базични поени. Претходниот ден, приносот на главните француски десетгодишни обврзници достигнал 5,14 отсто – највисоко ниво од 2002-ра година.
Според Монти, Франција долго време се сметала за „разгаленото дете“ на ЕУ, кое ја користи својата политичка и економска тежина за да ги заобиколува или прекршува фискалните правила на Унијата. Сепак, малкумина очекувале толку голема и моќна држава да се најде на првата линија на европска должничка криза.
Иако можноста на Европската централна банка (ЕЦБ), под одредени услови, да купува државни обврзници на секундарниот пазар претставува моќна алатка за спречување криза во еврозоната, Монти нагласува дека француските гласачи мора да сфатат оти кризата со државниот долг на нивната земја веќе не е само хипотетичко сценарио.
„Главниот проблем е што општеството не е доволно загрижено за овој ризик. Франција психолошки не е подготвена да се гледа себеси како цел на криза, па дури ни како почетна точка на криза што би можела да се прошири“, истакнува Монти.
Песимизмот ја зафаќа земјата
Проблемот не е само од економска природа. Низа показатели упатуваат на тоа дека Франција ја изгубила вербата во самата себе.
Според истражување спроведено минатиот месец, девет од десет Французи се песимистички настроени кон иднината и сметаат дека нивните деца ќе живеат полошо од нив. Паневропско истражување спроведено претходно годинава покажало дека само половина од анкетираните Французи се гордеат со својата демократска система. За споредба, кај Германците тој удел изнесува две третини, а кај Британците речиси 70 отсто.
Овој песимизам ги турка гласачите кон покрајни кандидати како Ле Пен, чија економска програма некои економисти ја оценуваат како нереалистична и несериозна, и Меланшон, кој сака буквално да го „запали“ францускиот државен долг.
Според збирните податоци од анкетите објавени од медиумот на почетокот на овој месец, Ле Пен ја поддржуваат 34 отсто од гласачите, а Меланшон 15 отсто. Тоа значи дека речиси половина од електоратот има намера да гласа за кандидат кој се спротивставува на постојниот политички поредок.
Кандидатот на централнодесничарскиот блок, Едуар Филип, веројатно најсоодветната фигура од традиционалниот политички спектар што би можела да ѝ се спротивстави на Ле Пен, се обидува да им се претстави на гласачите како приврзаник на фискалната дисциплина, кој не се плаши да ги именува болните вистини. Сепак, неговата кампања се соочува со сериозни тешкотии.
Маѓепсан круг на пропаста
Владините функционери, законодавците и дипломатите со кои разговарал „Politico“ се согласуваат дека Франција не е изложена на ризик од грчко сценарио, во кое владата би била принудена да ги запре исплатите кон државните службеници и доверителите. Сепак, земјата би можела да доживее криза слична на онаа во Италија во 2011-та година, кога Марио Монти го замени Силвио Берлускони на премиерската функција.
„Сè уште не сме ‘банана-република’ соочена со ризик од банкрот“, изјави Шарл де Курсон, искусен пратеник од центристичкиот блок и експерт за буџетски прашања.
За време на немирите претходно овој месец, пред искршениот излог на веќе ограбен супермаркет во 11-тиот арондисман во Париз, еден маж, кој очигледно немал никаква врска со објектот, ги поттикнувал минувачите да влезат и да земат што им е потребно. На само неколку метри оддалеченост, сопственик на кинески ресторан ја заклучувал вратата по секој клиент за да спречи учесниците во немирите да влезат насилно.
Тоа се сцени што човек би очекувал да ги види во земја на работ на должничка криза, а не во членка на Групата седум (Г-7). Од своите позиции во Брисел, Вашингтон и Њујорк, дипломатите и економистите оценуваат дека Париз веројатно нема да успее да го намали буџетскиот дефицит на три отсто од БДП до 2029-та година, како што претходно ѝ вети на ЕУ.
Франција „ја изгубила сета доверба“ кај европските партнери кога станува збор за фискалните прашања. Ломбар, поранешниот министер за економија, признава: „Не успеавме да ги исполниме обврските“, но изразува надеж дека ситуацијата сепак може да се промени“.