По повеќе од две децении кандидатски статус и серија тешки државни компромиси, европската интеграција на Македонија повторно се наоѓа во ќорсокак, овојпат заробена меѓу официјалните декларации за поддршка од Брисел и континуираните билатерални условувања од Софија. Додека другите земји од регионот добиваат конкретни патокази и затвораат преговарачки поглавја, македонскиот пат кон Европската Унија останува условен со политички барања кои длабоко задираат во Уставот, историјата и националниот идентитет.
Наместо процесот на проширување да се мери исклучиво преку реформите, владеењето на правото и економската подготвеност – области во кои самата Европска комисија оценува дека земјата има високо ниво на усогласеност, пристапните преговори се сведени на еден клучен услов: промена на Уставот и впишување на бугарите во неговата Преамбула.
Пораките што пристигнуваат од европските институции по последните самити и посети на Скопје звучат охрабрувачки на хартија, но во суштина ја потврдуваат непроменетата позиција на Унијата. Од Брисел редовно се повторува дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и дека македонскиот јазик и идентитет се дел од европската разновидност. Сепак, веднаш по овие пораки следува и потсетувањето дека преговарачката рамка од 2022 година мора да се испочитува и дека без уставните измени не може да се отвори првиот преговарачки кластер.
За македонската јавност, ваквиот пристап на европските лидери создава впечаток дека Унијата ги легитимира билатералните притисоци на една своја земја-членка, претворајќи ги во официјални европски критериуми. Со тоа, правото на вето на Софија стана механизам преку кој историските и идентитетските спорови се поставуваат над техничките и реформските стандарди на Копенхаген.
Клучната дилема во Скопје не е само самиот чин на менување на Уставот, туку недовербата дека тоа ќе биде последната отстапка на патот кон полноправно членство. По искуството со промената на уставното име преку Преспанскиот договор – кој требаше трајно да ги отвори вратите на НАТО и ЕУ – граѓаните и политичките чинители со голема скепса гледаат на ветувањата дека по уставните измени нема да следуваат нови политички препреки.
Во домашната јавност сè погласно се предупредува дека протоколите и механизмите вградени во преговарачкиот процес ѝ оставаат широк простор на Бугарија да го блокира процесот во секоја следна фаза, преку прашања поврзани со работата на историската комисија, учебниците, говорот на омраза или акциските планови за малцинствата. Ваквата неизвесност директно влијае врз расположението на граѓаните, кај кои анкетите покажуваат висок процент на противење кон нови уставни интервенции без цврсти европски гаранции.
Долгото чекање во „европската чекалница“ и чувството на неправда поради двојните стандарди оставаат сериозни последици врз општествената кохезија и довербата во европските вредности. Кога една земја која со децении ги усогласува своите закони со европското законодавство гледа како нејзиниот напредок се кочи поради идентитетски спорови, евроинтеграцијата престанува да се доживува како партнерски процес и почнува да се перципира како политика на условување.
Останува отворено прашањето дали Европската Унија ќе најде механизам да го врати процесот на проширување во рамките на објективните мерила и заслуги, или пак билатералните притисоци од Софија и понатаму ќе останат главната кочница што ја држи Македонија надвор од преговарачката маса.