Европската Унија би можела да се соочи со недостиг на природен гас од дури 14 милијарди кубни метри оваа зима.
Ова одговара на околу седум проценти од побарувачката на блокот и количината на енергија доволна за снабдување помеѓу 10 и 12 милиони домаќинства, предупредуваат извештаите од Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) и Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ENTSO-G).
Недостатокот на гас би можел да доведе до понатамошно зголемување на сметките за енергија и мерки за намалување на потрошувачката доколку ЕУ не обезбеди дополнителни количини на глобалниот пазар, кој веќе е под притисок поради војната во Иран и прекините во снабдувањето со енергија, објави бриселскиот „Политико“.
Резервите на гас во ЕУ паднаа на малку повеќе од 70 проценти од капацитетот, што е најниско ниво за ова време од годината откако започнаа евиденциите во 2011 година.
Високите цени ги охрабрија трговците да продаваат гас во текот на летото наместо да го складираат за зимска потрошувачка, се вели во извештајот на IEEFA.
Европа се соочува со ограничени можности за обезбедување дополнителни резерви, со цени на гас на највисоко ниво за речиси четири години и ограничена понуда поради војната на Блискиот Исток.
Недостатокот не мора да значи дека ЕУ ќе остане без гас, но количината на складирана енергија би можела да биде седум милијарди кубни метри помалку од потребната.
Ова би ги принудило земјите да купуваат гас по високи цени на нестабилен глобален пазар или да ја ограничат потрошувачката доколку дополнителни резерви не се достапни.
Доколку земјите мора да го исцрпат поголемиот дел од своите резерви оваа зима, ќе мора да надополнат повеќе гас следната година, што би можело да го продолжи периодот на ниски резерви и високи цени.
Извештајот на ENTSO-G за перспективите за снабдување во текот на зимата 2026/2027 година предупредува дека, во случај на ограничен увоз на течен природен гас (LNG) и студена зима, нивото на складирање би можело да падне на 11 проценти.
Тоа е основно ниво на стратешки резерви што не може лесно да се искористи.
За да се вратат залихите на 30 проценти до крајот на зимата и да се намали изложеноста на идните студени бранови, европските земји ќе мора да ја намалат потрошувачката или да ја ограничат достапноста на количини што одговараат на седум проценти од побарувачката, се вели во извештајот.
Дополнителен притисок претставува забраната за долгорочни договори за снабдување со руски течен природен гас, која треба да стапи на сила во јануари и да го намали европскиот увоз за уште седум милијарди кубни метри.
Рускиот гас претходно служеше за покривање на зголемената побарувачка во текот на зимата, додека Европа сега повеќе се потпира на складирање, соопшти IEEFA.
Зимската побарувачка за гас се зголеми во последните две години, додека увозот остана непроменет, поради што ЕУ сè повеќе троши складирани количини.
Нето повлекувањето на гас од складирање во јануари оваа година достигна 22,6 милијарди кубни метри, во споредба со 18,8 милијарди во јануари 2025 година и 17,8 милијарди кубни метри во јануари 2024 година.
Една од можностите е да се зголеми увозот на течен природен гас, кој ЕУ сè повеќе го набавува од САД. Сепак, компензацијата на недостасувачките количини по тековни цени би ги чинело европските земји дополнителни три милијарди евра, односно 12 проценти повеќе отколку за истата количина минатата година.