Европската борба за обезбедување течен природен гас (LNG) се одвива во Атлантскиот Океан, каде што високите цени ги пренасочуваат танкерите со гориво, неопходно за индустријата и електраните, од Азија кон Европа, пишува „Bloomberg“.
Осум танкери со течен природен гас од американскиот брег на Мексиканскиот Залив го смениле курсот и се упатиле кон Европа од почетокот на овој месец, покажуваат податоците на аналитичката компанија „Kpler“. Ова е најголем број пренасочени бродови откако војната на Блискиот Исток го прекина извозот на Катар на светскиот пазар кон крајот на февруари, претворајќи ги САД во доминантен светски снабдувач со ова суперразладено гориво.
Европа има корист од релативно слабата побарувачка во Азија, што ѝ овозможува да привлече поголеми количества гас и да го ограничи празнењето на резервите, кои веќе се на рекордно ниско ниво за овој период од годината. Цените на течниот природен гас во Европа минатиот месец достигнаа највисоко ниво во последните четири години, што помогна да се затвори таканаречениот ценовен арбитраж – разликата во цените што вообичаено го привлекува американскиот гас преку Пацификот кон Кина и Јапонија.
Во моментов Европа плаќа највисока ценовна премија во однос на Азија од почетокот на војната, покажуваат податоците на компанијата „Spark Commodities“.
Успехот на Стариот континент во привлекувањето на испораките му помага да ја задоволи зголемената побарувачка за гас со падот на температурите. Но, високите цени што енергетските компании ги плаќаат за испораките веќе се одразуваат врз економијата. Енергетски интензивните индустрии, како производството на челик, ѓубрива и хемикалии, се соочуваат со нагло зголемување на трошоците, а некои фабрики се принудени да го прекинат производството кога цените на електричната енергија стануваат превисоки.
Скапиот гас на крајот ќе се одрази и врз сметките на домаќинствата, како и врз инфлацијата.
Трговците најверојатно ќе дадат предност на испораката на американски течен природен гас (ТПГ) за Европа, наместо за Азија – нето-разликата во цената на ТПГ меѓу Европа и Азија е на највисоко ниво од почетокот на војната на Блискиот Исток. Графикон: „Bloomberg LP“
„Недостигот од испораки го привлекува ‘LNG’ кон Европската Унија, а профитабилната трговија останува таму.За жал, ЕУ ја плаќа ценовната премија“, вели Карл Лари, аналитичар за нафта и гас во консултантската компанија „Enverus“.
Европа успеа да го пренасочи движењето на танкерите во Атлантскиот Океан делумно благодарение на тоа што најголемите светски купувачи – Кина и Јапонија – во голема мера остануваат надвор од спот-пазарот. Двете земји имаат добри резерви и сè уште не се соочиле со сериозно заладување што би ги натерало енергетските компании да понудат повисоки цени за набавка на гас.
Резервите во Североисточна Азија веројатно се доволни за зимата, а сегашните високи цени не се доволен поттик за купување на спот-пазарот, забележува компанијата „Rystad Energy“ во извештај објавен минатата недела.
Увозот на гас во Европа во последните три месеци се зголемил за повеќе од 45 проценти, пресметано врз основа на подвижен просек за период од 30 дена. Истовремено, испораките во Североисточна Азија се намалиле за околу еден процент, покажуваат податоците за следење на бродовите собрани од „Bloomberg“.
И покрај зголемувањето, увозот во Европската Унија и Велика Британија сè уште е малку помал од ланскиот, што укажува дека регионот ќе мора да набавува дополнителни количества.
Ова е целосна спротивност на случувањата во текот на летото на северната хемисфера, кога азиските земји, кои се поранливи на енергетскиот шок предизвикан од војната меѓу САД и Иран, поагресивно се натпреваруваа за набавка на течен природен гас.
Токму тоа беше причината за тешкотиите на Европа да ги надополни резервите претходно годинава, за да обезбеди доволно количества гас за зимата, кога потрошувачката за греење ја зголемува вкупната побарувачка за „LNG“.
Резервоарите за гас во Европската Унија во моментов се исполнети 86 проценти, а повлекувањето на гасот се забрзува и покрај зголемениот увоз.
„Европа си дозволи да ја дочека зимата со исклучително ниско ниво на резерви. Со напредувањето на зимата ќе гледаме сè посилна директна конкуренција меѓу Североисточна Азија и Европа за течен природен гас“, вели Сол Кавоник, енергетски аналитичар во „MST Marquee“.
Увозот на ЛНГ во Европа се опоравува во текот на зимата. Графикон: „Bloomberg LP“
Потребата од испораки на гас по морски пат во Европа се зголемува во момент кога регионот се соочува со првиот студен бран. Тоа ги изненади експертите кои очекуваа климатскиот феномен „Ел Нињо“ да донесе поблаги температури.
Доколку студениот период потрае, Северозападна Европа би можела да ја заврши зимата со резерви на гас пополнети на само 14 проценти, што би било најниско ниво од 2018-та година наваму, наведува „Goldman Sachs Group“ во извештај објавен оваа недела.
Високата ценовна премија во Европа во однос на Азија веројатно ќе се задржи и во првиот квартал, особено поради плановите на регионот да го забрани увозот на руски „LNG“, смета Еван Тан, аналитичар за течен природен гас во компанијата за пазарни анализи „ICIS“.
„Недостигот во складиштата, празнината што ќе настане поради рускиот течен природен гас и побарувачката условена од временските прилики веројатно ќе ја затворат секоја можност за ценовен арбитраж кон Азија“, додава тој.
Сепак, сè уште постои ризикот падот на температурите во Азија повторно да го пренасочи течниот природен гас подалеку од Европа.
Спот-цените на електричната енергија во Јапонија пораснаа овој месец, што за првпат од февруари ја направи исплатлива набавката на LNG за електраните на гас. Една јапонска енергетска компанија веќе купила испорака на течен природен гас за декември, а истовремено продала испорака за март, соопштуваат трговци.
Засега прогнозите за Кина, Јапонија и Јужна Кореја укажуваат на температури повисоки од вообичаените, барем на краток рок. Тоа би можело да ѝ овозможи на Европа да продолжи да ги привлекува испораките на американски течен природен гас без да влезе во подлабока ценовна војна со Азија, иако временските прогнози остануваат неизвесни.
„На Азија ѝ е потребен само еден студен бран или зголемување на побарувачката од енергетските компании за повторно да почне да нуди повисоки цени и да ги привлече испораките на своја страна. Доколку тоа се случи, конкуренцијата за испораки на спот-пазарот брзо ќе се засили“, вели Тоби Копсон, управен партнер на компанијата „Davenport Energy“, која тргува со нафта и гас, со седиште во Кина.