Европската Унија (ЕУ) веројатно ќе биде пофлексибилна кон Велика Британија доколку таа одлучи повторно да ѝ се приклучи на заедницата и нема да поставува услови за влез во Шенген и прифаќање на еврото, кои Лондон и претходно ги одбиваше, пишува „Politico“, повикувајќи се на извори во Брисел.
Ова би можело пошироко да ѝ ја отвори вратата на премиерот Енди Бернам, кој веќе оцени дека „Brexit“ не функционира, па дури и навести дека враќањето во ЕУ би можело да биде една од точките во предизборната програма на лабуристите.
Токму единствената валута и Шенген се меѓу најострите критики на евроскептиците на Островот. Тие посочуваат и дека Лондон веројатно ќе мора да преземе обврски што претходно ги одбиваше и за кои имаше можност да не ги прифати, таканаречените „opt-out“ исклучоци.
„Politico“ забележува дека, според истражување на „YouGov“, 55 отсто од Британците би сакале да се вратат во ЕУ. Но, расположението значително се менува кога во прашање ќе се вклучат овие две спорни теми. Во тој случај, само 35 отсто се „за“, а 43 отсто се „против“ поништување на „Brexit“.
Во ЕУ не ги коментираат овие податоци и немаат официјален став, бидејќи Лондон всушност сè уште не поднел барање за членство, велат изворите на медиумот. Сепак, додаваат дека, иако постои стандарден пристап, секогаш се земаат предвид специфичностите на секоја земја.
Иако е поборник за враќање во ЕУ, Бернам изјави дека нема да преземе такви чекори пред следните избори, кои треба да се одржат во 2029-та година. Во меѓувреме, претстојат средби меѓу Лондон и ЕУ за постигнување договори со кои дополнително би се подобриле односите меѓу двете страни по „Brexit“. Британскиот премиер во таа насока оцени дека излегувањето од ЕУ ѝ нанело на Велика Британија повеќе штета отколку корист.
Во 2015-та година, Британците на референдум го поддржаа „Brexit“, а оттогаш мислењата за ова прашање остануваат поларизирани. Во моментов, со мала предност води поддршката за враќање на Велика Британија во заедницата, но под одредени услови.